„И покрај силните перформанси на јавните приходи во првите девет месеци од 2025 година, достигнувањето на целта за дефицит од четири отсто од БДП за 2025 година претставува предизвик, бидејќи тековните трошоци беа повисоки од првично планираните. Се предвидува дека дефицитот постепено ќе се намалува, но ќе остане над три проценти од БДП“, се вели во документот.
Според ЕК, во првата половина од 2025 година економската активност во голема мера била поттикната од инвестициите и приватната потрошувачка, додека јавната потрошувачка останала непроменета по значителното зголемување минатата година.
„Растот на потрошувачката на домаќинствата се зголеми по слабите перформанси во 2024 година, поддржан од зголемувањето на реалните расположливи приходи поттикнати од силниот раст на пензиите и платите, експанзијата на кредитите за домаќинствата и намалувањето на инфлацијата“, се вели во орогнозата.
Комисијата предвидува дека приватната потрошувачка веројатно ќе остане силна во текот на 2026 и 2027, при што расположливиот доход постепено ќе се зголемува дополнително, иако со пониски стапки со оглед на проектираниот раст на платите и пензиите.
„Бруто инвестициите веројатно ќе бидат главниот поттикнувач на растот. Јавните работи на патните коридори 8 и 10д започнаа во 2025 година и нивниот придонес кон економскиот раст се очекува да достигне врв во 2027 година. Приватните инвестиции имаат корист од подобрувањето на амбиентот и субвенционираното финансирање преку заеми од Унгарија и кредитни линии на ЕИБ“, се наведува во прогнозата.
Во документот се додава дека македонскиот извоз и увоз во првата половина од 2025 година забележаа подобри резултати од она што беше предвидено со пролетната прогноза на ЕК.
Според ЕК, иако трговските врски на земјата со САД се ограничени, таа сепак е индиректно изложена на влијанието на американските царини преку извозот на автомобилски компоненти во Германија.
„Иако се предвидува растот на извозот да забави по силната прва половина, а увозот да се зголеми за да се задоволи домашната побарувачка, сепак се очекува намалување на негативното влијание на надворешната трговска размена врз растот“, смета ЕК.






