„Дополнително, се очекува значително намалување на болестите поврзани со пушењето, вклучително и кардиоваскуларните заболувања, канцерот на белите дробови, хроничната опструктивна белодробна болест и други сериозни здравствени состојби“, подвлече Стојковски.
Тој се осврна и на другите придобивки што ги носи најавениот закон против пушење.
„Законот ќе придонесе и кон намалување на боледувањата и отсуствата од работа, со што индиректно се влијае врз зголемување на продуктивноста, а воедно ќе се намали и притисокот врз здравствениот систем. Дополнителна придобивка е создавањето почисти и поздрави работни простории и јавни површини, како и значително подобрување на условите за работа на вработените во угостителскиот сектор“, вели Стојковски.
На долг рок, ваквите законски решенија, додава тој, имаат и силно превентивно дејство.
„Ја зголемуваат јавната свест за сериозните штетни последици од употребата на тутунот и придонесуваат кон формирање здрави навики кај младата популација, со што се спречува започнувањето со пушење уште во најраната возраст“, додава Стојковски.






