Македонија неподготвена се вклучи во проектот Александропули за снабдување со течен гас и тоа скапо ја чини земјава, беше кажано на денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, а во контекст на новите решенија за обновливи извори на енергија што се содржани во новиот закон за енергетика.
„Поради ‘паметните’ одлуки, ЕСМ 15 години ќе плаќа по 300.000 евра месечно за закуп на капацитет за преносот на гас сеедно дали тој се користи или не“, велат од Министерството за енергетика.
Што се однесува до законот кој ја помина првата фаза во Собранието, со него се очлекува да се олесни градењето соларни, ветерни и хидроелектрани преку Годишен план за енергетска инфраструктура, што се подготвува во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката и Интегрираниот национален план за енергија и клима.
„Инвеститорите можат да поднесуваат предлози до 1 јуни секоја година, а ние ќе ги поддржуваме проектите што ги исполнуваат нашите цели за чиста енергија. Законот исто така воведува јасни правила за приклучување на мрежата, за да нема хаос со премногу соларни панели на дистрибутивната мрежа. Ќе има годишен план за енергетската инфраструктура што значи дека до 1 јуни секој што е заинтересиран ќе каже што планира да прави следната година и по проверката министерството ќе каже дека тој план влегува во планот за следната година и ќе има децидни и јасни правила за приклучување на мрежа. Се надеваме дека ќе го решиме сегашниот хаос со 10.000 прелиминари приклучоци што го има во МЕПСО. Повеќето од овие приклучоци ниту имаат земја ниту имаат договор за закуп. Само го фатиле, го резервирале приклучокот“, велат од Министерството за енергетика.
Како што најави министерката Сања Божиновска, договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција ќе биде потпишан до 10 мај годинава по што веднаш ќе почне неговата изградба која би требало да заврши за околу 22 месеци, информираше денеска на средба со новинарите министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Што се однесува до изградбата на мрежата, беше кажано дека 99 отсто мрежата е изградена, но проблем останува експропријацијата на останатото земјиште. Во наредниот период треба да се изгради гасоводната мрежа Гостивар – Кичево и Штип – Свети Николе. За ова ќе треба да се обезбедат кредити од ЕБРД.