За грабнувањата и за убиствата обвинети се и Велибор Манев и Боре Видевски од Велес и Влатко Кешишев од Штип, а Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Палевски денеска ќе пушта една снимки од движењата на двете возила кои учествувале во кривичните настани – „цитроенот“ на убиениот Панче, со кој е грабната Вања и „рено кангу“, кое го користеле членовите на партијата Десна, чиј претседател беше Палевски.
„Во известувањето на СВР Скопје до ОЈО од 12 јануари 2024 година, како прилог се ставени 70-тина докази. Јас барам од ова известување да се изведе еден фајл, снимка од камерите на Сејф сити, од првото цеде, од камера број 67, од 21 кон 22 ноември на полноќ, кога „кангуто“, според ЈО се наоѓа кај Велибор во двор, а на снимката се гледа дека е во Скопје. Тоа е видео кое не беше презентирано, а го има на цедето. Трае неколку секунди и барам да биде прикажано како доказ“, рече Палевски на рочиштето од пред два дена.
На тоа рочиште Палевски изјави дека за време на убиството бил во банка за што покажа уплатница и бара да се покаже снимката од банката. Од приложената уплатница се гледа дека уплатата била извршена 11.40 часот, во Халк банка во Буњаковец, а убиството на Вања било извршено истиот ден пред 9 часот.
Судијата Ивица Стефановски веќе ги одреди термините и за наредните рочишта – 12, 17, 19, 24 и 26 март. Од среда ќе се почне со исказите на обвинетите. Прв ќе биде испитан Велибор Манев. Потоа ќе следуваат Боре Видевски, Влатко Кешиев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски.
На првото рочиште сите обвинети се изјаснија дека се невини, а во истражната постапка Манев, Видевски и Кешишев го признаа делото. Кешишев ги однел скопските полицајци до телото на Ѓорчевска, а Манев ги однел велешките полицајци до телото на Жежовски.
Според обвинението убиствата се извршени од користољубие – Панче е убиен за да му се одземе возилото, а Вања е грабната со цел за неа да биде баран откуп од семејството. Од мајката на Вања никој никогаш не побарал откуп.






