понеделник, 22 декември 2025

Продолжува промоцијата на природните богатства на НП Маврово

Јавната установа Национален парк Маврово, во рамки на надлежностите, продолжува со активностите за промоција на своите природни богатства, убавини и развој на дополнителни туристички содржини.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој пат тоа го правиме преку проширување, маркација и уредување на лесна планинарска патека која од село Требиште води кон живописното ледничко езеро Локув , едно од, така да речам, скриените бисери на паркот“, информираше директорот Харис Ибраими.

Тој додава дека во рамки на активностите, патеката е значително подобрена, проширена и јасно обележана со нови маркации, патокази и информативни табли, со што движењето низ теренот станува полесно и побезбедно за посетителите.

„Посебно внимание е посветено и на просторот околу самото езеро, каде што се уредени зоните за одмор со поставени натстрешници и клупи, овозможувајќи им на планинарите и туристите да уживаат во мирот и убавината со која изобилува овој планински предел“, нагласува Ибраими.

Тој оценува дека спроведените активности се дел од пошироката мисија на Националниот парк Маврово за развој на одржливиот туризам, подобрување на условите за посетителите и промоција на најубавите туристички локалитети во паркот.

Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Тоа е најниското глацијално езеро во државава и според неговата местоположба претставува една вистинска туристичка атракција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ