Имено, годинава, организаторот на парадата Мумба, Градот Мелбурн им наложил со директива на македонските учесници да го користат исклучиво државното знаме на Македонија. Сепак, како што истакнува Ицо Најдовски – Перин, активен протагонист на македонската заедница во Мелбурн, Македонците во Австралија, етнички повеќе се идентификуваат со знамето со „сонцето од Кутлеш (Вергина)“.
Во деновите пред фестивалот, претставниците на македонската заедница во Мелбурн на повеќе начини реагираа на оваа директива, нагласувајќи дека таа претставува длабоко кршење на Законот за Викторијанска повелба за човекови права и одговорности од 2006 година и Законот за мултикултурна Викторија од 2011 година. Освен тоа наведоа уште неколку аргументи, според кои ограничувањето на користењето на симболите на македонската заедница во Мелбурн, се смета дека претставува прекршување на човековите права на Македонците во Австралија.
„Одборот за организирање на Мумба издаде директива да се носат само државни знамиња и организациски. Но нашата правна битна не е завршена, бидејќи со таа директива ја прекршуваат точката 19 од Повелбата на Викторија и Мултикулурните принципи на Австралија. Тие се свесни за прекршокот и затоа не е забраната официјална, туку е директива“, вели Ицо Најдовски – Перин, наведувајќи дека на парадата в понеделник, на 9 март, ќе излезат со знамињата, дури и да остане директивата.
Но правната битка не завршува со излегувањето со знамето со сонцето од Кутлеш на парадата Мумба, туку Македонците во Мелбурн имаат намера да ја продолжат и по завршување на фестивалот.
„А потоа ќе превземиме легални мерки, како порано кога сакаа да ни го преименуваат јазикот и името на македонската заедница. Овие два случаи ги правно добивме“, нагласува Најдовски-Перин.






