Санацијата на една од најопасните еколошки „жешки точки“ во земјата, контаминираната локација на поранешната хемиска фабрика ОХИС влегува во нова фаза, откако 28 домашни и меѓународни компании покажаа интерес да учествуваат во продолжувањето на чистењето на малата депонија со линдан.
На „Форумот за јакнење на капацитетите на добавувачите“, организиран од Владата и УНОПС, компаниите беа запознаени со условите и процедурите за претстојните тендери за санациски работи и надзор на процесот на чистење.
Форумот доаѓа по продолжувањето на партнерскиот договор меѓу Владата и УНОПС, со што се обезбедуваат дополнителни средства за комплетирање на ремедијацијата на малата депонија во следните три години. Со овој чекор, институциите ја потврдуваат намерата конечно да се реши еден од најкомплексните еколошки проблеми во земјата, поврзан со децениското индустриско загадување на локацијата.
„Санацијата на ОХИС е национален приоритет и прашање на јавно здравје и заштита на животната средина. Преку овој форум сакаме компаниите јасно да ги разберат техничките барања, еколошките заштитни мерки и стандардите за јавни набавки што ќе се применуваат во следната фаза од работите“, изјави Зоран Атанасов, специјален советник за економски прашања во Генералниот секретаријат на Владата.
На настанот беа презентирани деталите за комплексниот процес на санација, кој вклучува ископ на контаминираната почва, пакување и привремено складирање на отпадот, негов транспорт и конечно уништување преку согорување на опасниот HCH отпад во специјализирани постројки во странство.

Од УНОПС нагласуваат дека вакви сложени еколошки операции бараат тесна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.
„Спроведувањето на сложена санација на безбеден и одговорен начин бара силна соработка меѓу институциите и квалификуваните приватни оператори. Целта на форумот е да создаде заедничко разбирање за очекувањата, стандардите и одговорностите“, изјави Далиборка Колар од канцеларијата на УНОПС за Југоисточна Европа.
Според официјалните податоци, од почетокот на санацијата во 2021 година досега се отстранети и согорени 1.969 тони HCH отпад и 586 тони контаминирана почва, што претставува околу 60 проценти од планираното чистење на малата депонија.
Проектот се реализира со заедничко финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка и се смета за клучен чекор во справувањето со историското индустриско загадување на просторот на поранешниот хемиски гигант.
Од УНОПС велат дека по завршувањето на оваа фаза, се очекува значително намалување на ризиците по јавното здравје и животната средина, што ќе отвори можност да започне и многу посложениот процес – санацијата на големиот базен со линдан во рамки на индустрискиот комплекс.






