петок, 3 април 2026

Привршуваат конзерваторско-реставраторските работи во Лешочкиот манастир

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јордановски и стручен тим од институцијата денес го посетија манастирскиот комплекс во Лешок со цел да ја утврдат динамиката на темелна реконструкција на Конакот при црквата Свети Атанасиј, објект заштитен како културно наследство.

Објавено на

часот

Сподели

„Веќе сме во завршна фаза за конзервација, реставрација и санација на стариот конак, кој  е интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој значаен проект се издвоени шест милиони денари, а целосно завршување се очекува некаде до крајот на јуни“, рече министерот Љутков.

Директорот Јордановски посочи дека во моментов се одвива фазата на внатрешно зајакнување на ѕидовите со поставување на изолација.

„Следува набавка на прозорци кои се доста на бројка, преку стотина прозорци и потоа следува средување на фасадата, со метод за да се зачува оригиналноста на фасадата. Прв пат овде конак има почетокот на 14-тиот век од трае до некаде до 1600-тата година. Со доаѓањето на Кирил Пејчиновиќ се обновува конакот и ние се обидуваме во што е можно по оригинална форма да се зачува надворешноста“, рече Јордановски.

Тој посочи дека значајно за овој објект е тоа што како сопственост на Црквата ќе има прилика да биде одржуван.

„Ќе има сместувачки капацитети. Тоа е всушност она што заштитата треба да се стреми. Да се зачува меморијата од минатото, но во функција на сегашноста и на иднината. Ние не го конзервираме времето, ние ја зачуваме меморијата на изгледот на старите објекти“, рече Јордановски.

Митрополитот г. Јосиф, најави дека Тетовско-гостиварската епархија при МПЦ по завршувањето на конзерватоските работи ќе се посвети на уредување на внатрешноста.

„Внатрешниот дел се надевам дека со Божја помош и ние како црква внатрешно ќе го уредиме за намената која што слушнавте, а тоа е сместување на посетители и луѓе кои што се заинтересирани за верскиот туризам.  Така конакот ќе биде целосно активен и пуштен во употреба за сите добронамерници, секој што ќе сакаат да преноќеваат во овој конак“, рече г. Јосиф.

Министерот Љутков потсети дека во однос на капиталниот проект за конзервација реставрација на црквата Света Богородица, каде е откриен многу значаен трослоен живопис, со фази од 14 и 17 ти и 19 век проектот во овој момент е ставен во мирување. Тоа е поради непредвидени новонастанати ситуации во архитектурата на објектот и потреба од дополнителни стручни анализи и заштитни мерки за натамошна конзервација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ