Според СВР Битола, во полицијата за случајот било пријавено вчера изутрината во 8:35 часот.
„Во 8:35 часот вчера на 11 декември е пријавено дека на детското одделение во општата болница Борка Талески во Прилеп без знаци на живот било донесено бебе старо осум дена. По наредба на јавен обвинител, телото на бебето е дадено на обдукција“, соопштуваат од СВР Битола.
Од Основното јавно обвинителство го потврдуваат случајот и велат дека е отворен предмет зашто родилката се породила во прилепската болница и по два дена на нејзино барање си заминала со бебето.
„За случајот бевме известени во 8:10 часот вчера изутрината. На детското одделение се обиделе да го реанимираат бебето, но било безуспешно. Наредив обдукција за да се утврдат причините за смртта на бебето. Побарана е целокупната медицинска документација за породувањето и за медицинскиот третман при раѓањето. По два дена од пораѓањето, родилката на нејзино барање била отпуштена. Ќе се врши вештачење. Во меѓувреме извршен е разговор со родителите и е направен увид во семејството“, вели основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.
Семејството живее во периферната населба „Три Багреми“ во Прилеп и бебето било нивно трето дете.






