петок, 20 февруари 2026

Прилеп – општинa со најголем број активни концесионери за минерални суровини, потребна канцеларија на Државниот инспекторат на МЕРМС

Во Прилеп е најавено отворање на канцеларија на Државниот инспекотрат при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Ова меѓу другото е договорено на денешната работна средба на прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски со министерката Сања Божиновска во прилепската локална самоуправа.

Објавено на

часот

Сподели

Според Проданоски, Прилеп мора да биде пример за искористувањето на минералните суровини за реален локален развој.

„Разговаравме отворено за актуелните состојби и предизвиците во енергетскиот и рударскиот сектор, но и за можностите што ги има нашиот регион. За мене, клучната порака е дека Прилеп мора да биде пример за тоа како искористувањето на минералните суровини може да значи реален локален развој, со јасни правила, одговорност и вистинско партнерство“, вели Проданоски.

Во рамките на посетата се одржала и средба со најистакнатите концесионери од Прилепскиот регион, за прашањата за законската регулатива, исполнувањето на преземените обврски и за можностите за нови инвестиции. Зголемените концесиски активности во Прилепско треба видливо да се одразуваат врз општината преку нови работни места, инфраструктурни проекти и преку општествена одговорност. Оттука и потребата за отворање канцеларија на Државниот инспекторат кој ќе ја регулира сферата ба енергетиката и рударскиот сектор.

„Економски напредок има само кога правилата важат еднакво за сите. Како дел од договорените чекори, беше најавено отворање канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Поголемо институционално присуство на терен значи подобар надзор, зголемена транспарентност и поголема доверба“, смета прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

На средбата, посебен акцент бил ставен на потребата од засилена координација меѓу централната и локалната власт што директно ќе биде во интерес на граѓаните.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска,  разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.

На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.

Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.

„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакнала министерката Божиновска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ