Придобивките за граѓаните и компаниите, вели таа, ќе бидат значајни – намалени трошоци, поедноставени постапки и многу пократко време за трансакциите. Парите испратени од странство, вклучително и оние од иселениците, ќе пристигнуваат во текот на истиот или следниот работен ден, со значително пониски трошоци, а банките ќе треба да им ги пренесат овие придобивки и на клиентите преку пониски надоместоци.
Заради поедноставување на процедурите, потсети Нацевска, Народната банка веќе ги укина обврските за доставување документација за тековните трансакции со странство, меѓу кои и за плаќање одмор или школарина во странство, а ќе се укине и за капиталните трансакции, освен за мал број трансакции за кои постојат експлицитни законски обврски.
„Ова значително ќе го олесни онлајн и шалтерското банкарство и ќе го поттикне користењето електронски и мобилни платежни услуги. Податоците покажуваат дека електронските плаќања во земјава веќе бележат годишен раст од над 40% во 2024 година“, истакнува вицегувернерката Нацевска.
Таа информира дека се работи и на олеснување на процедурите за приливните плаќања. Целта е, нагласува, средствата добиени од странство, вклучително и хонорарите, да се ставаат на располагање веднаш или најдоцна следниот ден, без потреба од приложување договор или фактура, освен во специфични случаи каде што тоа е законски обврзано.
„Покрај ова, не се предвидуваат ограничувања за износите коишто може да се префрлат на основа на подарок, освен лимитот од 100 илјади евра кај инстант плаќањата, а контролите за спречување перење пари и финансирање тероризам и натаму ќе се применуваат, во согласност со меѓународните стандарди“, потенцира вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.