сабота, 12 јули 2025

Презентирани завршените проекти на Клиниката за детски болести, премиерот ветува 200 милиони евра инвестиции во здравството

Реализирани се 11 проекти за 11 месеци на Клиниката за детски болести во Скопје, беше кажано на денешната презентација на завршените проектни активности, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на клиниката Реџеп Мемеди и директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот Мемеди појасни дека се работи за значајни проекти, од кои дел се инфраструктурни и еден дел се набавка на современа медицинска апаратура, со кои значително ќе се унапредува квалитетот на здравствените услуги и ќе се подобри медицинска грижа за најмладите и најмалите пациенти.

„Овие проекти всушност се решенија на многуте проблеми и недостатоци, кои ги утврдивме на почетокот на мандатот јули – август, минатата година. Вкупната вредност на овие 11 реализирани проекти изнесува околу 40 милиони денари, од кои 7,6 милиони денари се донации на медицинска опрема“, информираше директорот.

Тој додаде дека овие резултати не би биле возможни без поддршката од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, Катедрата по педијатрија, медицинските тимови и тимот од администрацијата, како и многубројните донатори со големо срце кои позитивно одговориле на повик да ја помагаат Клиниката за детски болести.

„Сметам дека сите ние имаме одговорност да ја чуваме, развиваме и унапредуваме оваа клиника, бидејќи се работи за највредното што го имаме, а тоа е здравјето на нашите деца“, истакна Мемеди.

Премиерот Мицкоски изрази задоволство од реалзиираните проекти и кажа дека имале средба со министерот за здравство за идни проекти. Oдговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што ќе донесе британскиот договор за македонското здравство и каков вид на инвестиции, изјави дека во првата фаза се планираат повеќе од 200 милиони евра.

„Па тоа што го разговаравме во првата фаза, е инвестиција којашто ќе биде поголема од 200 милиони евра. Но, за тоа колку точно ќе биде, ќе треба процесот да отпочне, исто онака како што отпочна за пругата. Министерството за здравство треба да побара од Министерството за финансии, да направи условно кажано, тендер со којшто финансиски институции и банки ќе изразат подготвеност и интерес да го финансираат тој проект и нормално – најдобрите услови коишто ќе бидат понудени, ние ќе ги прифатиме и одбереме. А во суштина што опфаќа? Опфаќа довршување на Клиничката болница во Штип, изградба на Медицински факултет заедно со нов студентски дом од 200 легла, изградба на болницата во Кичево со здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Тоа е она коешто е во прва фаза – да видиме, да почнеме. Имаме рамка, имаме средства слободни за да влеземе и во втора фаза, а тоа е оној долго ветуван голем клинички центар во Скопје“, одговори Мицкоски.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ