Во судница беа презентирани докази – фото и видеоматеријали прибавени со примена на посебни истражни мерки, како извештаи од средби меѓу обвинетиот Блерим Амити и сведокот на повеќе локации во Скопје, како и од средби подоцна во истиот ден во април годинава меѓу првообвинетиот Мухсин Арифи и Блерим Амити. Во судница беа презентирани и фотографии и видеоматеријал од средба на 4 април годинава меѓу двајцата обвинети и сведокот, како и од средби на критичниот ден на 8 април, годинава, кога се врши предавањето на средствата.
На денешното рочиште беше сослушан и сведок, предложен од одбраната на обвинетите, кој рече дека за случајот знае, зошто поранешен колега додека работел во КПУ Идризово, го прашувал дали го познава Мухсин Арифи, зaшто, како што му рекол, имал братучед со многу болна жена за да одат до кај него да прашаат која е процедурата за таа да се прими на Геријатрија.
Сведокот рече декa добил одговор дека лично не го знае, но бидејќи го замолил, ќе му се јавел преку месинџер да го праша дали сака да ги прими. Колегата подоцна му кажал дека директорот ги примил и имале многу убав разговор. Сведокот, како што рече, после тоа нема никаков контакт.
Сведокот, одговарајќи на прашање, нагласи дека ниту се видел, ниту со некого зборел, или барал пари за да договори средба со директорот.
Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.
Судењето продолжува на 24 ноември, со испитување на сведоци предложени од одбраната.
Претходно, обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар.
Според обвинителниот акт, Арифи побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, при што бил фатен на самото место од страна на полицијата.






