Истакнувајќи ги своите барања, тие укажале на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката, претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделиле компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.

Според нив, како што се посочува во соопштението, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја споделила загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.

Сиљановска-Давкова ги сослушала аргументите и истакнала дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсетила дека неслучајно го именувала за член на Советот за безбедност, професорот и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласиле дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.






