Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.

„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивни успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници“, истакна министерот.
Со стратегијата се предвидуваат мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и силна поддршка за зелената и дигиталната транзиција, со цел зголемување на конкурентноста и извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија.
Министерот нагласи дека документот е изработен преку инклузивен процес и е целосно усогласен со политиките на Европската Унија.
„Оваа стратегија е резултат на широка соработка со бизнис-заедницата и партнерите и е целосно усогласена со европските стандарди. Таа директно ја подготвува нашата економија за интеграција во Единствениот европски пазар“, додаде тој.
Министерството за економија и труд ќе ја координира имплементацијата на стратегијата во партнерство со релевантните институции, стопанските комори, финансиските институции и меѓународните партнери. Предвидени се и механизми за редовно следење и оценување, со цел обезбедување транспарентност и мерливи резултати во периодот 2025–2030 година.
„Со усвојувањето на Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, Владата на Република Македонија ја потврдува својата заложба за јакнење на претприемништвото, отворање нови работни места и градење силна, одржлива и конкурентна економија“, велат од Министерството за економија и труд.






