вторник, 3 јуни 2025

Претседателот на Судски совет да се разрешува јавно, предлог-законот објавен на ЕНЕР

Предлог Закон за Судскиот совет во кој се инкорпорирани препораките од Оценската мисија на ЕК е завршен и објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), информира Министерството за правда. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека членови на советот учествувале како дел од работната група за новиот предлог-закон за Судски совет кои за дел од решенијата биле согласни, а за дел не дале согласност да се најдат во предло-законот и дале свои предлози. Реагираа од СДСМ. Пратеничката Снежана Калеска Ванчева на прес конференција обвини дека власта и понатаму се обидува да има главна улога и влијание во правосудството и да го држи во партиски стеги.

Објавено на

часот

Сподели

Согласно Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, земјава до јуни 2025 година треба да има нов закон за Судски совет.

Од Министерството за правда, нагласуваат дека со оглед на обемноста на законските измени, речиси две третирни, се преминало кон изработка на целосно ново законско решение и дека Предлог Законот е доставен на мислење до Венецијанската комисија, а клучни новини кои ги предлага работната група се уредување на  постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет.

„Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниеден случај. Постапката за разрешување од функцијата претседател или заменик претседател се поведува од најмалку четири члена, а одлуката за разрешување се носи со најмалку осум гласа. Против одлуката за разрешување на претседателот, односно заменик претседателот дозволено е право на тужба до Управниот суд“, се предлага со новиот закон за Судски совет.

Втор предлог е прецизирање на условите кои треба да ги исполнат кандидатите за член на Судскиот совет кои ги избира Собранието на јавен оглас или на предлог од претседателот, особено во однос на појаснување на поимот „истакнат правник“ и потребните квалификации кои треба да ги поседуваат кандидатите.

„Притоа како истакнат правник се подразбира дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професор по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање, да се истакнал со научна или професионална работа за прашања од областа на правосудството, да се истакнал со свое јавно делување во заштита на владеењето на правото, независноста на судството и човековите права, како и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет за што приложува најмалку три препораки од универзитетски професори по право, адвокати, поранешни или сегашни судии на Уставниот суд или на меѓународни судови, или лица/е а со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит од кои две од лица кои припаѓаат на истата правна професија”, се наведува во предлог-законот.

Се предлага и зајакнување на принципите на јавност и транспарентност на постапката за избор на несудски членови преку воспоставување на можност за јавна расправа на која кандидатите за член ќе може да се претстават  и ќе може да им се поставуваат прашања за нивното професионално искуство и стручност.

„Зајакнување на легитимитетот на процесот за избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, како и појасно уредување на постапката за утврдување одговорност на член на Судски совет вклучувајќи и негово разрешување како и воспоставување обврска на Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите“, информираат од Министерствто за правда.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека членови на советот учествувале како дел од работната група за новиот предлог-закон за Судски совет кои за дел од решенијата биле согласни, а за дел не дале согласност да се најдат во предло-законот и дале свои предлози.

Како дел од работите коишто се помрднуваат, Камбовски ги посочи јавноста на постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет да биде јавна и дефинирање на поимот „истакнат правник“.

„Мислам дека се направи обид еден да се дефинира она што стално е актуелно во јавноста, што е истакнат правник.  Мислам дека сега со овој закон до некаде колку е тоа можно ќе се успее да се каже што е тоа истакнат правник, односно да се дадат некакви критеируми“, изјави Камбовски.

Во поглед на поимот „истакнат правник“, Камбовски рече дека смета дека ќе има некои појасни критериуми кои што личноста која што претендира да го има тој статус треба да ги поседува.

„Тоа е повразно со годините на стаж кој што ги има, репутацијата кои што ги има во неговата област каде што работи, препораките коишто ќе ги добие од неговите колеги и слично…“, изјави Камбовски.

Прашан до каде е процедурата за избор на претседател на Врховен суд, Камбовски рече, дека изборот на претседател на овој суд ќе биде на првата наредна седница односно другата недела.

Реагираа од СДСМ. Пратеничката Снежана Калеска Ванчева на прес конференција обвини дека власта и понатаму се обидува да има главна улога и влијание во правосудството и да го држи во партиски стеги.

Според неа, за тоа сведочи фактот дека упорно и свесно се доцни со спроведувањето на активностите од реформската агенда и секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), каде што се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и конкретни пари од ЕУ преку Планот за раст.

„Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, г-дин Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот. Од предвидените реформски закони, Министерството за правда, стави само 4 на ЕНЕР, а тие допрва треба да ги усвои Владата, па да достават и до Собранието. Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни. Конечно, и покрај свесното пролонгирање на реформскиот процес, и покрај фактот дека не ги проследува наводно изготвените законски решенија, ние согласно лидерската средба меѓу Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, сепак, остануваме максимално конструктивни и во интерес на државата, и затоа денеска ги поднесовме и архивиравме нашите коментари на единствените закони кои тој ги ставил на ЕНЕР. Ние за нив имаме сериозни забелешки но и конкретни предлози за нивно подобрување. Апелираме до министерот Филков, ако вистински се грижи за реформската агенда и тврди дека работи на ургентните законски решенија, да престане да го минира процесот и да ги достави решенијата, за кои, ја убедува јавноста дека ги изготвил“, рече Калеска Ванчева.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ