Според Законот за Народна банка, гувернерот го бира Собранието, а на предлог на претседателот на државата со мандат од седум години.
Од Собранието за МКД.мк велат дека сѐ уште не добиле допис од претседателката Гордана Сињановска Давкова со предлог-име за избор на нов гувернер на Народна банка.
„Во врска со Вашето прашање, ве известуваме дека до Собранието, до овој момент, не е доставен каков било предлог за избор на гувернер на Народна банка“, одговорија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Како што дознаваме, околу прашањето дали е доставен предлог до Собранието за избор на нов гувернер на НБРМ со оглед на фактот дека на 21 мај 2025 година истекува мандатот на гувернерката Анита Анеловска-Бежоска, предлог од страна на претседателката Сиљановска Давкова засега нема, а причините не се познати.
Ако не биде избран гувернер кој ќе ги извршува одлуките на Советот?
И покрај фактот дека предлог за избор на нов гувернер нема, од Народна банка не кажуваат кој ќе ја извршува оваа функција до изборот на нов гувернер и дали и како тоа ќе влијае на работата на оваа институција. Оттаму само одговорија дека гувернерката Ангеловска Бежоска е член на Советот на Народна банка и како член на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон.
„Согласно Законот за Народната банка членовите на Советот на Народната банка се именуваат со мандат од седум години со право на повторен избор. Гувернерот го именува Собранието на предлог на претседателот на Република Северна Македонија. Советот на Народната банка се состои од девет члена од кои гувернерот и тројцата вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови. Во смисла на член 55 став 3 од Законот за Народната банка член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова одредба секако важи и за гувернерот на Народната банка“, одговорија од Народна банка.
Но оттаму не прецизираа дали гувренерката по истекувањето на мандатот има право да ги извршува одлуките на Советот на Народна банка што е едно од овластувањата и обврските на гувернерот. Оттаму не одговорија и на прашањата дали и какви констатации или ставови биле донесени на средбата помеѓу претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска одржана на 23 јануари 2025 година, а во смисла на избор на нов гувернер на НБРМ.
Познати имиња во „барабанот“ за нов гувернер на НБРМ
Од осамостојувањето во 1991 година во Македонија се смениле петмина гувернери. На 26 април 1992 година, со усвојување на Законот за Народна банка, Македонија го доби првиот гувернер по осамостојувањето, Борко Станоевски кој пет години по изборот поднесе оставка од функцијата поради финансиската афера „ТАТ“. По ова, на местото на Станоевски дојде универзитетскиот професор Љубе Трпески, но и неговиот мандат не помина без потреси. Во негово време пропадна Експорт-Импорт банка, против Трпески беше поднесена кривична пријава и беше обвинет дека ја злоупотребил службената положба, со образложение дека издавал гаранции за кредити што банката ги подигнувала од странство а потоа тие пари завршувале во фирмите на бизнисменот Методија Смиленски. Во 2008 година беше осуден на 4,5 години затвор, но беше ослободен откако Врховниот суд ја укина пресудата. Во 2004 година за гувернер на НБРМ беше избран Петар Гошев, мандат кој беше одбележан со одземање на дозволата за работа на Македонска банка во време кога премиер беше Никола Груевски. По ова против Гошев беше поднесена преставка до Антикорупциската комисија за конфликт на интереси за случај во кој, според претставката, Гошев, влијаел за отпис на кредит даден од Македонската банка на фирмата која купила земјиште во Гевгелија. Претставката беше отфрлена како неоснована. Наследник на Гошев беше Наследник на Гошев беше Димитар Богов, кој на чело на НБРМ дојде во мај, 2011 година. Неговиот мандат помина во справување со последиците од глобалната финансиска криза. Петтата и сѐ уште актуелна гувернерка Анита Ангеловска Бежоска беше избрана на функцијата на 21 мај 2018 година. Она по што најмногу ќе биде запаметена, а се случи за време на нејзиниот мандат е пропаѓањето на Еуростандард банка.
Засега никој не сака да каже кој ќе ја замени Ангеловска Бежоска како шести по ред гувернер на Народна банка. Според информации на МКД.мк во „игра“ се четири познати имиња од секторот финансии кои и претходно извршувале високи функции во Македонија. Станува збор за актуелниот претседавач на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, поранешниот министер за финасии Зоран Ставрески, поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска Војновиќ, но и актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која има право да биде избрана на уште еден седумгодишен мандат.
Народната банка е основана на 19 октомври 1946 година со спојување на Македонската стопанска банка со Народната банка – филијала Скопје. Во декември 1971 година бил донесен првиот Закон за Народна банка на Македонија, со кој таа била дефинирана како уставна категорија, а за прв гувернер бил именуван Стојан Ќосев. По осамостојувањето, Уставот на Република Македонија од 1991 година ја определил НБРМ како емисиона банка, самостојна и одговорна за стабилноста на домашната валута, денарот, водењето на монетарната политика и општата ликвидност за плаќањето во земјата и странство. На 26 април 1992 година, Собранието го донело Законот за Народна банка на Република Македонија, како прв законски акт со кој се уредува работењето на централната банка по осамостојувањето на Македонија.
И.О.