Откако две години жестоко се критикуваше дека кривичното законодавство е скроено по мерка на функционерите, пред Собрание вчера се изгласаа новите измени на Кривичниот законик. Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска, Драгана Бојковска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска, Љупчо Пренџов, Мартин Стојановски, Тони Јаревски), предложија повисоки за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, како и за ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки.
Според членот 75 од Уставот, указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на собранието и претседателот на државата.
„Претседателот на државата може да се одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку, според Уставот, законот се донесува со двотренинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, се вели во Уставот.
Уставниот суд уште во февруари утврди дека измените од 2023 година, донесени во време на владата на Димитар Ковачевски, сериозно го разнишаа владеењето на правото. Со тие измени беа намалени казните за злоупотреба на службената положба, беа избришани одредби за злоупотреби при јавни набавки и беше скратена казната за злосторничко здружување, што фактички им отвори пат на бројни поранешни функционери да избегнат или да си го скратат кривичното гонење.
Тогашниот пакет беше донесен по скратена постапка, со „европско знаменце“, за еден ден и со минимална расправа, што предизвика сериозен револт во јавноста и остри реакции од домашни и меѓународни организации кои предупредија на „тивка амнестија“ за високата корупција.
Според предлог-текстот, за злоупотреба на службената положба (член 353) казните се движат од шест месеци до три години, од една до пет години, од една до осум години и – за најтешките случаи поврзани со јавни набавки и огромна штета – од четири до десет години затвор. Притоа, во посебен став се воведува јасна одредба за злоупотреба на постапките за јавни набавки и склучување рамковни договори, што беше избришано во пакетот од 2023 година.
Се зајакнува и членот 353-в за несовесно работење во службата, каде повторно се внесува формулацијата дека службеното лице, ако со својата негрижа прибави корист или направи штета, може да одговара со парична или затворска казна, а за значителна штета казната оди до пет години. На тој начин се затвора дел од правната „дупка“ отворена со измените од 2023 година, кога одредени квалификации беа избришани и сериозно се стесни просторот за гонење на администрацијата за штета по буџетот.
Новина е и воведувањето кривично дело „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина, објавување или споделување интимни материјали без согласност. Предлогот предвидува затвор од една до пет години, а ако снимката стане достапна на повеќе лица, казната може да оди до осум години, а кога е во прашање дете – и до десет години. Со тоа се исполнува дел од обврските за заштита од дигитално насилство и трговија со деца.
Пратеничката Моника Зајкова потсети дека уште од 2023 година на електронската платформа ЕНЕР стои целосно нов Кривичен законик, подготвуван седум години од експерти под покровителство на ОБСЕ, со вградени европски директиви и прецизни дефиниции за корупциските дела.
Според предлагачите, со новите измени на КЗ ќе се отстранат идни евентуални штетни последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023 година, а предлогот е воедно и заради исполнување на европските и меѓународните стандарди.
Измените во 2023 негативно беа оценети во извештајот на Европската комисија, а неповолно за него одлучи и Уставниот суд на државава кој во февруари 2025 донесе решение со кое му даде рок од шест месеци на Собранието да донесе ново законско решение.
Предлагачите на измените ги посочуваат забелешките на ЕК во делот „борба против корупција“ каде што се укажа на спорните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 2023 констатирајќи дека „предизвикуваат сериозна загриженост поради нивното влијание врз случаите на поранешното СЈО, бидејќи голем дел од предметите се однесуваа на делата чии одредби беа изменети“.
„Намалените рокови на застареност влијаат, прекинуваат или дури доведуваат до запирање на голем број случаи. Откако измените стапија во сила на средината на септември, дел од случаите на поранешното СЈО беа запрени или беа одложени рочиштата бидејќи обвиненијата повеќе не беа важечки или настапи застареност“, нотираше Европската комисија.
Ваквата негативна ситуација во македонскиот правосуден систем, според предлагачите на новите измени, „силно ја наметна потребата за итни, приоритетни и реформски измени и дополнувања на Кривичниот законик“.
„Го предлагаме овој закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик како законско решение со кое би се анулирала настанатата состојба и државата повторно би се вратила на патот на европските политики во сферата на борбата против организираниот криминал и корупцијата“, образложија предлагачите на измените на Кривичниот законик.






