На средбата претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, била запознаена со целите, очекувањата и важноста на Конференцијата.
Лидерскиот собир во Севиља, соговорниците го оценија како добра можност за изнаоѓање решенија за справување со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите на одржливиот развој. Од Конференцијата, на којашто е најавено учество на повеќе од 50 шефови на држави и влади, се очекува да произлезе Платформа за акција, со конкретни иницијативи и финансии, се наведува во соопштението.
Според Сиљановска-Давкова без соодветни финансиски средства не е можно да се е реализира Агендата 2030. Таа на средбата укажала на потребата од реформирање на меѓународната финансиска архитектура, од поддршка на земјите во развој и поголема достапност на финансиите.
„Во инвестицискиот поттик на приватниот сектор и во јавно-приватното партнерство претседателката гледа решение за обезбедување на потребните средства“, се наведува во соопштението.
Потенцирајќи ги јасните цели, претседателката ја нагласила суштинската важност на мултилатералната и на регионалната соработка.
Претставниците на ОН ја поздравиле силната посветеност на нашата држава на Агендата 2030, како и интегрирањето на целите за одржлив развој во националните стратегии и плановите за локален развој. Тие изразиле задоволство од успешноста на Кредитната линија зa финансирање во зелена енергија (Green Financing Facilities), којашто овозможува инвестиции на малите и средни претпријатија во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Претседателката изразила подготвеност за натамошно проширување на билатералните односи со Шпанија и продолжување на одличната соработка со институциите на ОН. Таа го поздравила ангажманот на целиот тим на ОН во развојот на Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030, како стратешки документ, усогласен со националните развојни приоритети и меѓународните обврски за човековите права.