Обвинетиот мирно го дочека објавувањето на одлуката, откако претходно судијката појасни дека државата не може да биде виновна за постапките на поединците. Ова појаснување следи откако на минатото рочиште неговата адвокатка Софија Лаличиќ побара најблага можна санкција, бидејќи нејзиниот клиент поради конзумирањето дрога не можел да расудува правилно и да го сфати значењето на своите постапки. Воедно, според неа, и државата потфрлила, најпрво што не успеала ресоцијализацијата на Куртовиќ, а потоа што останал на слобода.
„Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајки, фалсификување…, а, имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјални норми и невозможно одржување на трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело во секој момент бил пресметлив и со уредно психичко здравје“, изјави судијката Бахчовановска.
Таа одлучи обвинетиот да остане во притвор до правосилност на пресудата на која странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по нејзиниот прием во писмена форма.
Според обвинението, Куртовиќ се товари за убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
Според ОЈО Скопје, обвинетиот, на 20 август 2024, зад трговскиот центар Мавровка во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол, го лишил од живот оштетениот Васил Ефтимов, по што со пиштолот се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата која таа ја носела на нејзиното рамо и една гајба во различни бои, покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото.
Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот, заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот.
К.Д.
Фото: Роберт Атанасовски






