Панде Савески е ресенчанец чие семејство со генерации се занимава со овоштарство. Навраќајќи се на минатото, вели дека овоштарството во Преспанскиот регион памети и подобри денови, но климатските промени и загадувањето на воздухот ги натерало овоштарите да користат сѐ повеќе и сѐ појаки хемикалии за да го задржат квалитетот на јаболкото.
„Поради промена на климата се јавуваат разни болести. Се јавуваат вошки, пепелница, се јавува и фузикладиум кај јаболките, и сакаат повеќе прскање. Пестицидите што ги користиме многу го загадуваат Преспанско Езеро, за што ние, земјоделците, не сме ни свесни. Нашиот интерес е што повеќе да испрскаме, да добиеме подобар квалитет на јаболкото. Не се интересираме многу за Преспанско Езеро. Тоа го правиме што свесно, што несвесно“, вели Савески.
Тој признава дека употребата на пестициди е зголемена, и тоа многу повеќе отколку во минатото.
„И самите аптекари што ги продаваат пестицидите ни велат, ајде уште од ова фрли за да биде посигурно. Ако треба, да речеме, да одиме со 20 отсто пестициди, ние одиме со 50 отсто пестициди. И така полека-полека ја загадуваме нивата. Не може без пестициди. Има сега некои прават опити и со органско производство и со интегрално производство, каде што се ограничени пестицидите, некаде е целосно ограничена употребата на пестицидите, некаде делумно“, признава Савески.
Причина за сето ова, вели тој, е неорганизираноста на земјоделците, кои немаат волја затоа што се разочарани од откупните цени на јаболката.
Но градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, го тврди спротивното. Тој вели дека досега не е забележано поголемо загадување на воздухот затоа што во овој момент не може да се купи пестицид што не е на зелената листа.
„Пестицидите не достигнуваат до езерото. Овоштарите едвај успеваат да ги наполнат пумпите за да ги истретираат јаболката, бидејќи се прескапи, а не пак да ги испуштаат во езерото. Производството на јаболка е исклучително скап процес и, верувајте ми, никој не би се осмелил да истури пестициди во езерото. Јас се надевам дека овоштарите правилно управуваат со отпадот. Со модернизацијата има нови, помодерни прскалки, атомизери за третирање на овошките, маски, одела и слично. Мора да се заштитат самите себе, а со тоа мора да ја заштитат и животната средина“, вели Тозиевски.
Ако нема проект, нема ниту испитување на пестицидите
Иако ниту една институција во Македонија не ја испитува посебно употребата на пестициди во овоштарството и влијанието врз Преспанско Езеро, сепак експертите предупредуваат дека со неконтролирана и неправилна употреба на пестицидите пред сѐ се загадува водата затоа што при примената на пестициди, многу од хемикалиите содржани во нив можат да го нарушат квантитетот на хранливите материи и кислородот во езерото. Тие предупредуваат дека со неправилната употреба на пестицидите се губи и биолошката разновидност, пестицидите можат да влијаат на локалните видови риби и други водни организми, со што се зголемува ризикот од намалување на биолошката разновидност во екосистемот на езерото. Освен ова, пестицидите можат да влезат во синџирот на исхрана, влијаејќи на птиците и другите животински видови што се хранат со риби или водни организми, што може да придонесе за зголемување на токсичноста во организмите.
„Посебен проблем претставуваат органохлорните пестициди, кои поради својата токсичност се забранети за употреба, но поради големата ефикасност сѐ уште се користат во земјоделието. Оваа група на пестициди спаѓа во групата на перзистентни органски полутанти, уште познати како ПОП’с супстанции. Заради отпорноста на разградување, ПОП’с постојано се акумулираат. Дел од нив се впиваат во земјата и доаѓаат во подземните води што служат за пиење, а дел се плакнат од површината на земјата и преку реките и дождовите доаѓаат во реките и езерата. Некои органохлорни пестициди лесно испаруваат и во голем дел се транспортираат далеку од местото на апликацијата. Последиците од загадувањето со ПОП’с се далекусежни. Животните ги акумулираат ПОП’с при користење загадена храна и вода. Најизложени на контаминацијата со ПОП’с се рибите и другиот жив свет поради нивната растворливост во масти“, вели лекарката специјалистка Емилија Богоевска, раководителка на одделение за хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје Битола.
Д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделението за безбедност на вода, санитација на животната средина и здравствена екотоксикологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека мониторингот што го врши институтот е со акцент на микробиолошкиот квалитет и физичко-хемискиот состав на површинската вода, од причина што водите од природните езера во Македонија се користат за различни намени. Од пред четири години, обемот на анализи на водата од Преспанско Езеро бил зголемен и со радиолошки анализи и во однос на ова, Димовска потенцира дека во водата на Преспанско Езеро не е детектирана зголемена алфа- или бета-радиоактивност.
„Квалитетот на водата од езерото и покрај сите притисоци што ги трпи, особено антропогените, е релативно стабилна. Од вкупно испитани 18 примероци (еднаш месечно) во ИЈЗ, во периодот јануари 2024 – јуни 2025 година, површинската вода се класифицира како одлична во однос на присуство на индикатори на фекално загадување на водата (ешерихија коли и интестинални ентерококи) во текот на 13 месеци. Површинската вода од езерото еднаш била класифицирана како добра (во март 2024 година и четири пати како незадоволителна (април 2024 и февруари-април 2025 година). Во однос на физичко-хемискиот состав, зголемени концентрации на тешки метали не се најдени, но водата најчесто ги надминува граничните вредности во однос на параметарот потрошувачка на калиум перманганат, што повторно оди во прилог на органско загадување на површинската вода. За жал, во ИЈЗ не се одредуваат параметри што дополнително можат да ни укажат на степенот на еутрофикација на езерото, како што се биохемиска побарувачка на кислород, хемиска побарувачка на кислород и растворен кислород“, вели доктор Димовска.
Д-р Богоевска дополнува дека и покрај тоа што Преспанско Езеро е распоредено во прва категорија и квалитетот на водата е стандарден, засега никој не може да каже до кога ќе биде така.
„Врз основа на резултатите од физичко-хемиската анализа на водата од Преспанско Езеро за периодот од 1 јануари до 7 јули 2025 година, постои отстапување од матноста, петдневната биолошка потрошувачка на кислород, хемиската потрошувачка на кислород и сатурација со кислород. Врз основа на резултатите од бактериолошката анализа на водата во сезона на капење во периодот од 15 мај до 7 јули 2025 година, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, техничките критериуми и целите на квалитетот на водата за капење, како и начинот и постапката за информирање на јавноста за резултатите од мониторингот на водата за капење“, вели Богоевска.
Примената на одржливи практики е клучен чекор за заштита
Земјоделството (производството на јаболка) има долга традиција во регионот на Преспанско Езеро, што подразбира постојана примена на ѓубрива и заштитни средства, кои можат да бидат закана за другите природни ресурси, во прв ред површинските водни тела и подземните води, по пат на дифузно загадување, вели професорот Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт при УКИМ.
„Овој процес на испирање на хранливи материи и хемикалии во подземните води и површински транспорт на еродиран седимент богат со хранливи материи до површинските водни тела (реките и езерото) може да има силно негативно влијание врз квалитетот на водата доколку примената на хемикалии (пестициди и ѓубрива) е неправилна и прекумерна“, вели Мукаетов.
Според извештајот на Министерството за животна средина (МЖСПП) за состојбата на езерото, од 2021 година, еден од најголемите загадувачи се земјоделските активности, односно употребата на пестициди и тешки метали, неправилното управување со биоразградливиот отпад од овоштарството и загадувањето од отпадот и агрохемикалиите што го нарушуваат екобалансот.
„Сливното подрачје на Преспанско Езеро во значителен временски период било подложено, и сѐ уште е, на висок притисок од загадување што потекнува од неконтролираната примена на различните пестициди, како и компоненти за индустриско производство. Дури и планинските водотеци, кои во основа не би требале да бидат под никакво влијание, исто така се под докажан притисок. Добиените резултати укажуваат дека површинските водни тела во сливот на Преспанско Езеро биле и сѐ уште се подложени на интензивен притисок, кој потекнува од земјоделието и точкастите извори на загадување“, се наведува во Извештајот на МЖСПП за состојбата на Преспанско Езеро.
Професорот Мукаетов објаснува дека за справување со овие предизвици еден од клучните чекори е примената на одржливи практики во управувањето со почвите, кои се еден од најранливите природни ресурси, кој е и основа за повеќето земјоделски активности.
Иако темата за правилно ѓубрење и негово оптимизирање е многу актуелна во последните години, сепак, вели Мукаетов, нивото на едукација и свест кај фармерите во однос на значењето на правилното ѓубрење сѐ уште е недоволна.
„Резултатите од поголем број спроведени истражувања во изминатиот период укажуваат дека сѐ уште не е воспоставена практика за редовно следење на плодноста на почвата преку почвена анализа и ѓубрење според претходно подготвен план; ѓубривата што се аплицираат во многу мал дел одговараат на вистинската состојба на почвата и потребите на културата (најчесто се користат исти формулации на ѓубрива секоја година пр. NPK 8-16-24, 16-16-16, 10-20-30, AN, во количества што варираат во широки граници од 100 до 1.000 килограми на хектар“, објаснува Мукаетов.
Токму од овие причини Савески бара од надлежните да се организираат обуки на кои производителите на јаболка ќе бидат едуцирани како помалку да се загадува природата.
„Ни треба едукација како соодветно да управуваме со отпадот што го прават пестицидите. Ние помош не сме побарале. Ако има нешто од самата општина, нѐ викаат и тогаш одиме“, искрен е Савески.
Според професорот Мукаетов, добиените резултати од досегашните анализи на почвени проби, во најголем дел направени на длабочина до 60 сантиметри, укажуваат на голема хетерогеност во однос на обезбеденоста со основните макроелементи како потенцијални загадувачи на водите (N, P, K), од многу ниска обезбеденост до многу висока обезбеденост, што е штетно.
„За да биде даден прецизен одговор на прашањето дали и во колкава мера земјоделството е причинител за деградацијата на квалитетот на водата на Преспанско Езеро, и за справување со тој предизвик, неопходно е да се воведе систем за постојан мониторинг на земјоделските активности и применетите практики на земјоделските површини во регионот на Преспанско Езеро, едукација на производителите и запознавање со нови технологии и пристапи, со цел да се оптимизира исхраната на растенијата и примената на ѓубривата, апликација на современи пристапи во квантификацијата на вкупните аплицирани количества применети хранливи материи и пестициди со цел да се одреди вишокот на овие материи и колкаво количество од нив доаѓа до водните тела, примена на еколошки пристапи во земјоделското производство, како што е јаглеродното и регенеративното земјоделство, со цел да се одржи квалитетот на почвата и да се намалат внесовите на минерални ѓубрива и пестициди“, посочува Муакетов.
Од извршените анализи на хемиските својства на почвите кај група од 88 производители на овошни култури во Преспанскиот регион, вели Мукаетов, може да се извлечат повеќе заклучоци.
„Реакцијата на почвата кај најголем дел од почвените проби се движи во граници што се поволни за овоштарското производство, односно од умерено кисела до умерено алкална реакција (pH 5,7–8,2). Мал дел од пробите (2,29–3,44 отсто) се карактеризираат со силно кисела реакција (pH<5.5), што може да се смета како резултат на природните почвени услови во Преспанскиот регион, но и како последица на прекумерна употреба на минерални ѓубрива со кисела реакција, како што е на пример уреа и амониум нитрат. 91,95 отсто од почвите се бескарбонатни, што посочува кон можност за појава на симптоми од недостиг од калциум кај овошките. Кај 70 отсто од почвените проби содржината на хумусот е на ниско ниво (1–3 отсто). Причината за ова е интензивно земјоделско производство, без употреба на органски ѓубрива и неконтролирана употреба на минерални ѓубрива. Дел од почвените проби се со високо ниво обезбеденост со азот, што укажува на неконтролирана употреба на азотни ѓубрива, во количество од 500-1.000 килограми на хектар. Употребата на фосфорот и калиумот варира од голема хетерогеност – од многу ниско, помалку од 5 милиграми на 100 грама почва, до многу високо ниво, над 50 милиграми на 100 грама почва“, објаснува професор Мукаетов.
За оптимизирање на количеството на минералните ѓубрива, земјоделците треба да пронајдат начини да ја зголемат ефикасноста и да го заштитат квалитетот на почвата и водите. Сепак, сѐ уште недостига едукацијата за правилно ѓубрење и негово оптимизирање.
„Редовната анализа на почвата, примената на современи технологии и системи за мониторирање се неопходни за охрабрување на одржливи земјоделски практики. Клучните препораки вклучуваат редовна анализа на почвата, планирано ѓубрење според резултати од анализа, комбинирање на органски и минерални ѓубрива, како и заштита на животната средина преку рационално ѓубрење. Ова не само што ќе помогне во зачувувањето на природните ресурси, туку и во зголемувањето на продуктивноста на земјоделските насади“, заклучува Мукаетов.
Проектот за „будење“ на Преспа надеж и за Преспанско Езеро
Податоците на Институтот за комуникациски студии (ИКС) покажуваат дека главни причини за загадувањето на животната средина се ниската еколошка свест, недостигот од опрема и слабиот систем за собирање на отпадот. Според нив, земјиштето во регионот се смета за главен ресурс за производство на јаболка, со 98 отсто од домаќинствата што поседуваат овоштарници, што претставува генерациски главен извор на приход. Земјоделскиот отпад, вклучително 8.000–15.000 тони јаболков биоотпад годишно од 74 проценти од земјоделското производство, дополнително ја оптоварува животната средина. Сечењето јаболкови дрвја создава околу 3.900 тони растителен отпад годишно. Овој биоразградлив отпад често незаконски се фрла во реките и покрај патиштата, создавајќи непријатна миризба и нарушувајќи го естетскиот изглед на подрачје со значителен потенцијал за (еко)туризам и угостителски развој.
„Значително количество агрохемиски отпад, како 4.050 литри пластични шишиња, 3.950 кг картонска амбалажа од пестициди и 937 кг алуминиумски амбалажи од пестициди за време на прскачките сезони, содржат високотоксични супстанции и други хемикалии за заштита на насадите. Има недоволно информации и едукација меѓу жителите, особено во селата, за соодветно управување и користење на биоразградливиот отпад. Прекумерната употреба на пестициди и други агрохемиски производи во земјоделството и замената на органските со синтетички ѓубрива ја загадуваат почвата и подземните води. И покрај високото присуство на биоразградлив отпад во комуналниот отпад и големите количества земјоделски отпад (гнили јаболка и исечени гранки), нема функционален систем за нивна селекција и обработка. Тоа создава различни проблеми. Органските киселини раствораат метали и други загадувачи, загадувајќи ги почвата и подземните води околу постоечките депонии. Тие предизвикуваат силна миризба и привлекуваат инсекти и глодачи, кои може да пренесуваат болести, а емисиите на метан од распаѓање значително придонесуваат за глобалното затоплување. Од друга страна, биоразградливиот материјал содржи материи корисни за растенијата, кои се неповратно загубени при депонирањето“, покажуваат податоците на ИКС.
Дејан Андонов, проектен менаџер во ИКС, вели дека решенија постојат и тие почнуваат од нас самите. Токму затоа во почетокот јуни годинава почна кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион – „Преспа, разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со невладините организации „Еко герила Преспа“ и „Македонското еколошко друштво – Ресен“, финансиски поддржана од Европската Унија.
„За жал, регионот се соочува со сериозни предизвици во управувањето со отпадот, со неселектиран отпад и диви депонии, загадени почви и води, вклучително и Преспанско Езеро. Ова не се само еколошки, туку и здравствени, економски и социјални проблеми. Затоа не е доволно само да се зборува за тоа, туку е потребно и дејствување со заеднички сили. Оваа кампања што ја започнуваме денеска ќе поттикне одговорно однесување и заедничка грижа за животната средина“, рече Андонов.
Со оваа кампања се предвидени низа активности со една цел, создавање одржлив систем на однесување и навики што ќе придонесат за поздрава, почиста и поперспективна Преспа.
Искра Опетческа