„Со договорот од Преспа храбро беше раскинат Гордиевиот јазол. За жал, ‘неогрчката глупост’ не само што не дозволи нејзина целосна експлоатација (се мисли на спогодбата), туку го олесни нејзиното поткопување од северномакедонската шовинистичка десница. Договорот е во согласност и во рамките на повоеното француско-германско смирување, пријателство и разбирање. Тоа е одличен пример за тоа како луѓето од регионот можат да ја градат својата иднина во мир и оптимизам, далеку од мешање на трета страна. И ова, во време кога регионот е зафатен од војни и намери за оружени конфликти. Договорот од Преспа е од максимално геополитичко значење“, пишуваше токму Коѕијас во „Катимерини“, одговарајќи на обвинувањата од политичките опоненти во Грција на обвинувањата за „прифатеното предавството“ со Преспанскиот договор.
Инаку, до денес, иако се поминати седум години, Грција ги нема ратификувано трите меморандуми, кои се речиси единствената минимална обврска за неа како „прва страна“ во Преспанскиот договор, како што ги нема променето ни сообраќајните табли пред границата (најчесто скриени со обраснати џбунови) со Македонија, на кои сè уште пишува, или „Скопиа“, или ФИРОМ. Само за споредба, Македонија уште пред истекот на предвидениот рок за замена на името и симболите (се мислеше на сонцето од Кутлеш) во Преспанскиот договор, ги отстрани од имињата и натписите на државните субјекти, а од минатата година и на личните документи на македонските граѓани. Сепак за грчките политичари, па и за голем дел од грчката јавност тоа не е доволно. Всушност, и покрај настојувањата за создавање привид за „срдечност и разбирање“ во македонско – грчките релации (главно под инсистирање на ЕУ и тоа насочено кон македонската страна), во јавното мислење во Грција нема ни обид за рационализација на вкоренетиот ирационален став дека тие се „жртвата“ со Преспанскиот договор. Кога доаѓа редот за актуализација на односниот договор во грчкиот политички амбиент, политичарите се обвинуваат меѓусебно, кој бил „попопустлив“ со тоа што воопшто е „дозволено“ да се задржи именката Македонија во накалеменото „преспанско“ име на соседната земја, граѓаните да се нарекуваат Македонци, па и јазикот да се нарекува – македонски.
Зои Константинопулу, сега лидерка на партијата „Курсот на слободата“, а порано истакната членка на Сириза (партија што го „изработи“ Договорот од Преспа) и дури и претседателка на грчкиот парламент во тоа време, опстојува на ставот дека Преспанскиот договор е „неважечки според меѓународното право, а господинот Ципрас немал легитимитет да го потпише“. Иако прецепирана како како евроскептична и групирана со партии од радикалната левица, рејтингот на „Курсот на слободата“ во Грција е во изненадувачки пораст. Меѓу другите декларирани политички заложби на Константинопулу е и таа дека кога би стигнала до можноста да формира влада во Грција, Преспанскиот договор би го ставила на референдум. Во времето кога требаше Преспанскиот договор да биде изгласан во грчкиот парламент, Константинопулу инсистираше дека „наша должност е да не дозволиме овој договор да помине и ќе направиме се што имаме право и должни за да го поништиме“.
„Веќе во нашата соседна земја ‘договорот’ беше целосно легитимиран, по задушувањето на апстиненцијата на 65 отсто од гласачкото тело. Очигледно, процесот на уставни измени таму не може да се смета за валиден. Дури и обидот за тоа е знак, кој едноставно потврдува дека господинот Заев, како и господинот Ципрас, не дејствуваат со народен мандат. Изјавите на двајцата дека ќе одат напред имаат за цел да ги задоволат странските играчи. Наша должност е да не дозволиме овој договор да помине и ќе направиме сѐ што имаме право и должност за да го поништиме“, изјавуваше Константинопулу во 2019 година, кога требаше да биде изгласан Преспанскиот договор во македонскиот, и во грчкиот парламент.
Како уште еден контрааргумент во обвинувањата за „попустливост“ од страна на политичките противници, кои во моментот на потпишување на Преспанскиот договор беа во опозиција, грчкиот медиум „Докуметно“ го објави писмото на грчкиот премиер Костас Караманлис од 2005 година до тогашниот американски претседател Џорџ Буш помладиот. Меѓу другото, во контекст на писмото на Караманлис до Буш се констатира дека „Караманлис, всушност, на средбата со американскиот амбасадор толку силно наведува дека ‘Македонија’ не го интересира, користејќи ја фразата ‘која и да е Македонија’“.
„Целото писмо што денеска го објавуваме ја открива тогашната позадина и лицемерието на Караманлис, кој се појавува како ‘македонски борец’ додека се согласил со доделувањето на името ‘Македонија‘“, заклучува медиумот „Документо“.
Писмото на Костас Караманлис до Џорџ Буш помладиот од 8 април 2005 година
„Почитуван Џорџ,
Ви благодарам за вашата порака и вашите убави зборови, кои ми ги пренесе министерот за надворешни работи, (Петрос) Моливијатис.
Во вашето писмо од 16 ноември 2004 година, вие ја потврдивте вашата поддршка за тековните напори на ОН за изнаоѓање решение за проблемот со името на Република Македонија, како и вашата подготвеност да го прифатите секое решение што ќе произлезе од овие преговори. Затоа би сакал да ве информирам за последните случувања во преговорите, кои се водат под покровителство на Обединетите нации меѓу Република Грција и Република Македонија (ПЈРМ). За прв пат по потпишувањето на Привремената спогодба од двете страни на 13 септември 1995 година, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, г. Метју Нимиц.
Поточно, името што го предлага специјалниот посредник е „Република Македонија-Скопје“ со намера да се користи непреведено. Ова име ќе се користи за секаква официјална употреба во системот на Обединетите нации. Понатаму, предлогот ги охрабрува другите меѓународни организации, како и државите, да го изберат гореспоменатото име за каква било меѓународна официјална употреба.
Уставното име ‘Република Македонија’ ќе продолжи да се користи за внатрешна употреба во ПЈРМ, што значи дека не е потребна уставна промена што може да има негативни последици за Охридскиот договор од 2001 година.
Овој предлог е далеку од нашите позиции, но ние би биле подготвени да го прифатиме како основа за постигнување решение. Како што имав можност да ве информирам во моето писмо од 29 ноември 2004 година, Грција е подготвена брзо да ги заврши преговорите во Њујорк. Цели 15 години различни фактори го спречуваа решението меѓу двете држави. Лично, сега сум подготвен да поддржам договор.
Затоа, Грција е подготвена да влезе во последната фаза од преговорите одржувајќи позитивен и конструктивен став, со цел да се постигне заемно прифатливо решение. Ова не само што ќе овозможи целосна нормализација на билатералните односи, туку и одлучувачки ќе придонесе за стабилизација на поширокиот регион и ќе ја отстрани големата пречка што стои на патот на интеграцијата на Република Македонија во евроатлантските структури.
Предлогот (Нимиц) им дава на двете страни единствен прозорец на можности што ќе придонесе за понатамошно стабилизирање на регионот. Затоа, од витално значење во оваа фаза е двете страни да го поддржат нацрт-предлогот на ОН.
Имајќи ја предвид посветеноста на Соединетите Држави да играат значајна улога во стабилизирањето на регионот во целина, како и предизвиците што произлегуваат од очекуваното утврдување на идниот статус на Косово, искрено се надевам дека Соединетите држави активно ќе го поддржат предлогот на ОН“, цитирано е писмото на Караманлис до Буш.
Иако, во актуелниот геополитички момент, можеби е создаден привид дека Преспанскиот договор е надвор од фокусот на грчката внатрешна политика, жестокоста на аргументацијата и меѓусебните обвинувања на грчките политичари за попустливост спрема Македонија секогаш кога ќе се спомене во јавноста, укажуваат дека тој и за Грција не е завршена приказна. Сепак, сите реакции и на приврзаниците, и на противниците на Преспанскиот договор во Грција, наведуваат дека ќе ги користат сите можности што им ги нуди тој, во условување, па и уцени преговарачкиот процес на Македонија за членство во Европската Унија .
Јасминка Павловска