Граѓаните во своите поплаки укажувале на трошоци, нефункционални телефонски линии за закажување, долги чекања за термини за фотографирање, недостиг на обрасци и пунктови, како и долги рокови за издавање на документите. Ситуацијата кулминирала со редици, вербални и дури физички инциденти на пунктовите, особено во Скопје. Дополнително, лицата кои живеат во странство, како и оние кои имале закажани медицински прегледи или обврски во образованието, се нашле во незавидна положба поради невозможноста да ги добијат потребните патни исправи.
Народниот правобранител извршувал редовни увиди во Министерството за внатрешни работи (МВР) и, како што се наведува, институцијата соработувала и постапувала по укажувањата. Благодарение на тоа, до втората половина на 2024 година, најголемиот дел од проблемите биле надминати.
Сепак, остануваат нерешени прашања, особено во делот на државјанството. Според податоците, од околу 9.000 поднесени барања за прием во државјанство врз основа на законски измени, позитивно се решени само 30. Особено е загрижувачки случајот со иселеници од Турција, чии барања се заглавени поради недобивање на безбедносни проценки од Агенцијата за национална безбедност. Како причина најчесто се наведувало „недостиг на податоци за апликантите“.
Претставки се поднесувале и поради непочитување на роковите од страна на Управата за водење на матични книги, лоша шалтерска организација и отежнат пристап до услуги за повозрасни лица кои не користат електронски алатки.
Покрај тоа, пријавени биле и 92 претставки по однос на постапувањето на полицијата.
Граѓаните најчесто се жалеле на непостапување по кривични пријави и непрофесионално однесување на полициски службеници, особено од сообраќајната полиција. Иако народниот правобранител не можел да ги потврди сите наводи поради нефункционални мобилни камери, до МВР биле упатени јасни укажувања за потребата од професионално и пристојно однесување кон граѓаните.
Загрижувачки се и случаите на долготрајно задржување на гранични премини на лица под режим на дополнителни проверки. Иако Народниот правобранител побарал објаснување, одговорите од надлежните институции останале нецелосни и нејасни.
Извештајот јасно покажува дека, и покрај одреден напредок, системски проблеми и понатаму го оневозможуваат остварувањето на основни граѓански права.
За полесно да се остварат основните граѓански права пред неколку дена беше пуштено во употреба реконструираното Одделение за управни работи – Скопје, кое се наоѓа во зградата на МРТВ. Обновата на просториите – приземје и кат, со вкупна површина од 2.300 метри квадратни, чинеше 48.000.000 денари. Завршена е првата фаза на проектот, реконструкција на најголемиот дел од приземјето од 1.300 метри квадратни.
Премиерот најави дека оваа есен се очекува да почне и втората фаза на реновирање на дополнителни 1.000 метри квадратни, со што ќе се заокружи овој процес, изразувајќи уверување дека нема повеќе да се повторат оние турканици, метежи што се случуваа во минатото.
К.Д.