сабота, 20 декември 2025

Преспа тоне во ѓубре, расте бројот на заболени од карцином, брачните парови се борат со стерилитет, предупредуваат експертите

Загрижувачка е состојбата со слатките води во Македонија, но и со порастот на болести кои ниту се карактеристични за 21 век ниту се карактеристични за државата, едногласни се експертите кои денеска на панел средба во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) дискутираа на тема „Здрава средина, здрав живот“ се одржа во основното училиште „Цар Самуил“ во Ресен во рамки на проектот „Преспа? Разбуди се за чиста средина“. Учесниците на денешната панел средба алармираа дека во Преспа годишно има по 250 новозаболени од карцином, брачните парови се борат со стерилитет, а Преспа исто така тоне и во ѓубре.

Објавено на

часот

Сподели

Состојбата со Преспанското езеро е алармантна, предупредува Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод Охрид.

„Засилените антропогени притисоци во регионот поддржани од климатските промени негативно се одразуваат врз водениот еко-систем што води кон тоа да се запрашаме што треба да направиме за да го спасиме овој уникатен еко-систем“, вели Тасевска.

За таа цел, вели директорката на Хидробиолошкиот завод Охрид, прво треба да размислуваме како заедница.

„Ние како научна институција испорачуваме резултати кои понатака треба да бидат искористени од надлежните институции при преземање на соодветни решенија и мерки. Исто така мора да се работи и со соседните земји Албанија и Грција затоа што Преспанското езеро е транс-гранично. Сите три земји се соочуваат со истите проблеми, неконтролирано користење на водините ресурси, неконтролирано користење на агрохемиски препарати во производството на земјоделските култури и овоштарниците, проблемот со испуштање на нетретирани отпадни води“, вели Тасевска.

Доколку не се преземат соодветни мерки, дополнува таа, тогаш на езерата не само што им се заканува стареење туку не е исклучена можноста и за нивно изумирање.

„Секое езеро е подложно на стареење и тоа е природен процес. Но, ние со нашите активности само го забрзуваме тој процес на стареење и на измуриање на езерата“, заклучува Тасевска.

Давид Здравески од Институтот за јавно здравје вели дека и покрај тоа што Институтот редовно изготвуваат препораки за превенција од болести предизвикани од климатските промени, сепак тие речи си и да не се почитуваат.

„Секој од нас треба да тргне од самиот себе. Ние како институција издаваме препораки, а на граѓаните е дали тие ќе ги почитуваат. Сепак, мислам дека треба да се зајакне законската регулатива, да се засили инспекторскиот надзор и да има што повеќе казни за да може да се применуваат мерките кои што ги издава Институтот за јавно здравје“, вели Здравески.

Директорот на Специјализираната болница за респираторни заболувања Отешево, Благоја Китановски вели дека здрава животна средина значи здрав живот. Повлекувањето на Преспанското езеро значи и промена на биодиверзитетот на езерото. Тоа, вели доктор Китановски можа да значи појава на заразни болести кои не се карактеристични за овој регион. Причина за ова, вели тој е како природните фактори така и човечката негрижа.

„Секако дека здравата животна средина влије врз здравјето на луѓето, но и врз биодиверзитетот на Преспанското езеро. Доколку продолжи повлекување на езерото и не се преземе ништо тогаш секако, здравјето на луѓето може да биде загрозено. Со самото повлекување на езерото се појавуваат и инсекти, па затоа овој дел треба да се превенира и да се заштити. “, вели доктор Китановски.

Денешната панел средба е во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на проектот „Преспа? Разбуди се за чиста средина“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ