„Условите за сместување, особено просториите за спиење, треба да овозможат почитување на човековото достоинство, колку што е можно треба да се почитува приватноста и да се исполнат барањата за одржување на здравјето и хигиената, водејќи сметка за климатските услови, особено за површината на просториите, осветлувањето, греењето и вентилацијата“, велат од Државниот завод за ревизија.
Нехумани услови во најголемиот затвор во државава
Во КПД Идризово, којшто е најголемата установа во земјава и сместува повеќе од половина од затворската популација, утврдена е екстремна пренатрупаност и лоши услови, особено во затвореното одделение, објектот „амбуланта“ и женското одделение. Иако во дел од женските простории е направено варосување и се купен нов мебел и душеци, влагата и нехигиената остануваат сериозен проблем. Бањата во време на теренскиот увид функционирала со само еден туш.
Состојбата е уште полоша во приемното одделение и објектот „амбуланта“, каде има дотраени санитарии, нефункционално осветлување, оштетени ѕидови, валкани душеци, недостаток на постелнина, расфрлан отпад и непријатен мирис. Во ќелии од 14 квадратни метри се сместуваат и по 7 осудени лица, меѓу кои и лица со ментални нарушувања, зависности, физички оштетувања или конфликт со други затвореници.
Во времето на теренската посета, КПД Идризово имало 1.188 осудени лица при капацитет од 1.152, што претставува надминување за 36 лица. Во затвореното одделение со капацитет од 336 лица биле сместени 463, во зградата „амбуланта“ за 132 лица престојувале 215, а во приемното одделение наменето за 10 лица – престојувале 48.
Лоши услови и во Скопје, Куманово, Штип
Во Затвор Скопје, ревизорите констатирале дека во одредени простории, особено во притворското одделение, не се исполнуваат минималните услови за простор, како ни основните хигиенски барања. И покрај делумните реновирања, нереновираните крила се во крајно лоша состојба – пукнати ѕидови и тавани, нечистотија, стари душеци, нефункционални санитарии и непријатен мирис. Притворените лица во истите простории јадат и ги извршуваат основните физиолошки потреби.
Во Затвор Куманово, ситуацијата е дополнително влошена поради недостиг на вода – што директно влијае на хигиената. Осудените користат само една чешма по кат, а санитарните јазли и тушевите не се целосно функционални.
Во КПД Штип, иако се реновирани санитарните јазли во три крила, дел од просториите не ги исполнуваат минималните просторни услови и немаат соодветна вентилација. Исто така, капацитетот во полуотвореното и затвореното одделение е редовно надминуван, со што се влошуваат животните услови.
Пренатрупаноста причина за тепачки во затворите
„Пренатрупаноста негативно се одразува врз хигиената во установите, придонесува за недостиг на приватност и зголемување на случаите на насилство меѓу осудените лица“, предупредуваат од Државниот завод за ревизија.
Во седум од единаесетте казнено-поправни установи во земјата во 2023 година бил надминат капацитетот за сместување. Највисока пренатрупаност е забележана во КПД Штип, Идризово, Битола, Скопје, Прилеп, Тетово и Струмица.
Од друга страна, некои установи се соочуваат со ниска искористеност на капацитетите. Во Затвор Охрид, кој е затвор за деца, во три години биле сместени вкупно четири деца. Во ВПД Тетово, при капацитет од 112, во 2021 година биле сместени 18 деца, а во 2022 и 2023 по само 16.
Ревизијата нотира и нерамномерна распределба на осудените меѓу различните одделенија – новоизградените полуотворено и отворено одделение во Идризово имале по 70 непополнети места, додека затвореното одделение и амбулантата биле преполнети.