За таа цел, премиерот посочи дека било испратено писмо до него и до претседателот на законодавниот дом и според неговите информации, денеска или утре, директорот заедно со соработниците ќе разговара со пратеничките групи. Неговите очекувања се, вели, дека сите пратенички групи ќе го поддржат Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), за да може, како што рече, веднаш да се исплатат заостанатите плати.
„За таа цел, испратено е писмо до мене и до претседателот на парламентот, информиран сум дека во најскоро време денеска или утре, директорот заедно со соработниците ќе разговара со пратеничките групи и сите пратенички групи очекувам да го поддржиме овој закон, во прв чекор да влезе таму, а потоа во втор чекор, повторно една измена на закон да може да влезе во Агенцијата, затоа што тоа е суштината. Агенцијата е таа која што ги креира политиките, а инспекторатот е тој што контролира дали политиките се спроведуваат или не, но за тоа треба неколку месеци. За да не чекаме, за да не се случи тоа, ние велиме сега да влезе и веднаш да се исплатат заостанатите плати. Луѓето чесно си ги заработиле, е сега за понатаму ќе треба неколку месеци да влезе во рамките на Агенцијата и како таков орган да функционира“, рече Мицкоски.
Во одговор на новинарско прашање за тоа што ќе се случи со законот, доколку се земат предвид најавите од страна на Демократската унија за интеграција дека нема да ги гласа измените, Мицкоски вели дека „ако ДУИ не ги гласа, тогаш покажува дека е апсолутно конзистентен на своите лицемерни политики, односно дека сака луѓето кошто се во Инспекторатот за примена и употреба на албанскиот јазик да бидат без плата и понатаму“.