сабота, 6 декември 2025

Премиерот за спорот со Бугарија: Мора да постигнеме решение кое ќе спречи идни предавства

Ако некогаш влеземе во решение, ние ќе направиме се за да се осигураме дека нашиот идентитет е зачуван и дека нема да има некое ново предавство од некој нов Заев или Филипче. Многумина ми велат, еден ден ќе дојде СДС и сѐ ќе смени, ќе прифати и нов Устав и смена на идентитет и сѐ живо, затоа дај да се бориме сега да направиме најдобро можно решение, како што впрочем правеше СДС во историјата, коцкајќи се со државата на сметка на тоа да добијат поддршка од надвор за да дојдат на власт, истакна попладнево Христијан Мицкоски во Кавадарци по неговиот реизбор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

„Нѐ чекаат сериозни предизвици. Имаме отворено  прашање со Бугарија, но се чини дека нема соговорник од другата страна. Имаме желба да постигнеме фер решение, но за секој договор сакам да знам, за разлика од моите претходници во владата, што добива Македонија и граѓаните од сето тоа. Сакам да знам која е точната иднина која ќе ја обезбедиме за нашиот народ. Европската Унија се чини неподготвена да го фасцилитира овој процес, пред се, поради своите внатрешни проблеми. А, од друга страна, државава премногу даде на патот кон ЕУ која е и понатаму наша цел, но да бидеме реални дека ние мораме да посветиме внимание пред се на домашната задача, да обезбедиме иднина на сите граѓани. И Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Срби, и Власи, и Бошњаци и сите останати“, рече Мицкоски.

Тој го повтори  ставот дека не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, туку новите условувања кои, вели, ќе следат на патот на евроинтеграцијата на земјава.

„Прашањето со Бугарија не е дали ќе има Бугари во Уставот. Нив може од утре да ги има и јас немам никаков проблем со тоа, проблемот е што тоа не е крајот, туку тука ќе почнат нови и нови условувања, и Македонија ќе прерасне во нов експеримент, откако двапати менуваше име, менуваше знаме, документи и којзнае колку пати менуваше Устав“, вели тој.

Решението кое би се постигнало, додава Мицкоски, мора да осигура дека нашиот идентитет е зачуван и „дека нема да има некое ново предавство“.

„Затоа, ако некогаш влеземе во решение, ние ќе направиме се за да се осигураме дека нашиот идентитет е зачуван и дека нема да има некое ново предавство од некој нов Заев или Филипче. Многумина ми велат, еден ден ќе дојде СДС и се ќе смени, ќе прифати и нов устав и смена на идентитет и се живо, затоа дај да се бориме сега да направиме најдобро можно решение, како што впрочем правеше СДС во историјата, коцкајќи се со државата на сметка на тоа да добијат поддршка од надвор за да дојдат на власт. Затоа, сметам дека Македонија мора да направи решение кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи да ги прекрши држејќи ја раката на срцето, со блага насмевка и гнасни и предавнички намери“, порача Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ