„Утврдивме заеднички дека е потребно на повисоко ниво да ја зголемиме соработката помеѓу Владата и Црвениот крст. Дадов збор дека таа активностг ќе има мој личен фокус и оти многу скоро во рамки на Владата со ресорните министерства ќе се организира состанок за да видиме во што од програмите на министерствата може заеднички да се соработува“, изјави премиерот Мицкоски.
На настанот по повод 80 години од основањето на Црвен крст премиерот изразил голема благодарност за активностите на организацијата по трагедијата во Кочани.
„Изразувам голема благодарност за тоа што го правеше и што го прави Црвениот крст за оној ужасен трагичен настан во Кочани. Можевме да го видиме и ревизорскиот извештај којшто е изготвен за средствата коишто се акумулирани и коишто делумно се потрошени, останува уште еден мал дел. Јас можам да кажам дека направија навистина голема работа, ние тогаш заеднички ја почнавме таа активност ги канализиравме сите оние доброчинители коишто сакаат да помогнат, да практично ги насочат своите средства во рамките на Црвениот крст и сметката којашто ја отвори Црвениот крст, и денарската и девизната, направија навистина одлична работа и за тоа јас сум им благодарен“, кажа Мицкоски.
Саити оцени дека досегашната соработка е плодна и почива на реални основи.
„Искажавме многу добри можности, прилики, идеи, кои треба да ги ставиме во активости во наредниот период и наскоро ќе има средби за да се договорат заедничките активности“, рече Саити.