„И тоа го говорат анкетите, но и нашето чувство кое го имаме изградено врз нашето искуство од комуникацијата со граѓаните. Но, сакам да кажам дека секоја победа мора да се заслужи со работа и со чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа „ние, и јас како човек во животот не сме добиле ништо незаслужено“.
„Затоа мора да се стисне секоја рака, да се побара поддршка од секој човек. Затоа што луѓето на Македонија заслужуваат шанса каква ќе понудиме и избор кој ќе биде вистинскиот. Тоа се луѓето кои ги нудиме за кандидати за градоначалници. Секој еден кандидат ќе биде вашиот човек во општината. Вашиот одговор за решавање на прашањата кои ги мачат граѓаните. И секој еден кандидат мора да се држи до вредностите и принципите кои се се во животот на еден човек. Моралниот кодекс значи секогаш да кревате телефон на граѓаните, да решавате проблеми и да создавате подобра иднина“, кажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на тоа какви треба да бидат градоначалниците.
„Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар. Градоначалникот мора да биде работлив, чесен и достоен – човек што ќе ја носи довербата како најголема чест, а не како лична привилегија. Градоначалникот мора да биде секој ден со граѓаните – во улиците, во маалата, меѓу луѓето. Прв да дојде на работа и последен да замине. Градоначалникот мора да биде транспарентен – секоја потрошена пара да биде јасна, секоја одлука да биде за општото добро. Градоначалникот мора да биде одговорен – затоа што секоја негова одлука го менува животот на илјадници луѓе“, посочи Мицкоски.
Според Мицкоски токму такви луѓе им требаат на граѓаните и додаде „не политичари што мислат на следниот изборен циклус, туку градоначалници што мислат на идните генерации, што исполнуваат“.
Што се однесува до кандидатите, тие на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата.
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистерот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали за изборите за Локалните избори за 2025, Државната изборна комисија (ДИК) позитивно одговори на 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Пристигнаа 352 барања за упис во регистерот, исто така до ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Врз основа на целата обработена документација се запишани 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатни медиуми и 246 интенет портали. Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали се отфрлени како неуредни, односно ненавремено доставени, дополнително доставени се два ценовници за упис во регистерот, но на истите правни субјекти нема доставено барање со што се отфрлаат како неуредни“, информиира на вчерашната седница членот на ДИК Светлана Карапетрова на денешната 131 седница.
Вкупниот буџет за одржување на Локалните избори 2025, изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.






