понеделник, 15 декември 2025

Премиерот очекува македонските универзитети да бидат меѓу првите 1000 на Шангајската листа

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање поврзано со поддршка на науката, потенцираше дека Владата двојно го зголемила буџетот на науката и овозможила бесплатен пристап кон најголемите две бази на списанија.

Објавено на

часот

Сподели

„Она коешто прво би кажал е дека буџетот за науката е двојно зголемен оваа година, споредено со минатата година. Дали е тоа доволно, бидејќи доаѓам од науката – ќе ви кажам не! Но е секако повеќе од тоа што беше минатата година, мислам дека околу 650,660 милиони денари. Нашата цел е да ја стимулираме науката и во таа насока е и онаа активност на Владата да обезбеди бесплатен пристап на сите научници и млади, но и поискусни на две бази на научни списанија. Ако тоа во минатото се плаќаше и беше тешко достапно, сега веќе го имаат бесплатно. Државата тоа го покри за сите универзитети и очекувам младите научници да продолжат во таа насока да се однесуваат. Односно да ги користат овие бази на научни списанија и да ги следат светските трендови, а со тоа да публикуваат понатаму свои научни трудови. И со тоа да придонесат нашите универзитети да се приближат напред, кон првата илјадарка според Шангајската листа на универзитети, којашто е една од најважните репер листи во светот и очекувам тоа да се случи во овој мандат на оваа влада. Ние како Влада правиме сѐ“, одговори премиерот Мицкоски.

Во однос на економските параметри, премиерот истакна дека е задоволен од резултатите во транспортот и туризмот.

„Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250 – 260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година“, одговори Христијан Мицкоски на новинарско прашање во однос на субвенционираните летови.

Премиерот Мицкоски истакна дека резултатите се видливи и во секторот туризам, бидејќи како што посочи за повеќе од 20 проценти е зголемен бројот на странски туристи во државата во првите 5 месеци од годината.

„Впрочем резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите 5 месеци од годината. И ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот кој што следи“, нагласи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ