Во божиќното интервју за ТВ Алфа, Мицкоски изрази очекување дека сите лидери на парламентарните коалиции ќе ја прифатат поканата, посочувајќи дека дневниот ред може да биде дополнет и проширен по предлог на учесниците.
Премиерот нагласи дека за прашањата од суштинско значење за државата е неопходен поширок политички договор, особено во контекст на европската интеграција.
„Да разговараме за правобранителот и за сите други теми. Да покажеме политичка зрелост кога пред нас стои целта – членство во Европската Унија. За законите веќе има позитивни мислења и од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, па нема причина да не седнеме и отворено да разговараме“, порача истакна Мицкоски.
Во однос на техничката влада, тој потсети дека и претставници на СДСМ пред минатите избори изразиле став дека таа повеќе не е потребна. Според него, актуелната влада покажува поголема инклузивност, што е особено важно во период кога се спроведуваат суштински реформи на политичкиот систем и реформи поврзани со пристапувањето кон ЕУ, за дел од кои е неопходен консензус.
„Пред изборите раководството на СДСМ велеше дека е за укинување на техничката влада, па останува да видиме дали ќе останат на тој став. Не би сакал да се влегува во вакви измени без широк договор, бидејќи сметам дека промените во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако постои согласност дека техничката влада го кочи системот и отвора уставни дилеми, тогаш треба заеднички да ги направиме тие измени“, рече премиерот Мицкоски.






