Членовите на комисијата денеска на седница ја задолжија собраниската служба да прати писмено барање до засегнатите институции за тие да пратат предлози што би влегле во предлог-програмата за јубилеи за наредната година.
На седницата посветена на техничките детали за подготовка на предлог-програмата за 2026 беше утврден и составот на работната група. која ќе ги разгледува и ќе одлучува по пристигнатите предлози.
Во неа ќе членуваат девет пратеници: Велика Стојкова-Серафимовска, Павле Арсоски, Дијана Тоска, Сања Лукаревска, Драган Недељковиќ, Бејџан Иљаз, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Сали Мурати и Ваљбона Адили.
Пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска. назначена од претседателката на оваа комисија, Саранда Имери Стафаи, денеска да ја води седницата, рече дека очекува членовите на комисијата да бидат конструктивни во подготовката исто како што биле, рече, и за програмата за 2025.
„Сигурна сум дека и за 2026-та ќе се согласиме и дека ќе бидат почитувани критериумите за јубилеи и значајност на настани и личности кои треба да имаат придонес во развојот на државата, затоа што оваа програма ја подготвуваме заради зачувување на државната меморија“, рече Стојкова-Серафимовска.






