Со цел да се обезбеди независност на судството, како што посочуваат од Министерството за правда, Предлог законот предвидува изземање на судските од административните службеници регулирајќи ги правата и статусот на вработените во судската служба.
„Се воспоставува систем за управување со ефектот на судските службеници, работните цели и задачи, утврдување на индивидуалниот план за стручно усовршување, како и постапка за оценување на ефектот на судскиот службеник. Се интервенира во одредбите за висината на платата со цел привлекување, задржување и мотивирање на вработените; регрутирање на висококвалитетни кандидати на соодветни работни места и вршење на избор со помош на ефикасни и транспарентни алатки“, велат од Министерството за правда.
Оваа реформа, како што посочуваат, е од клучно значење за мотивирање на вработените кои треба да бидат посветени во давањето на висококвалитетни јавни услуги.
„Со ова законско решение се излегува во пресрет на синдикатите и нивните долгогодишни барања. Сите заинтересирани имаат можност да дадат свои коментари, предлози и сугестии на Предлог законот за судска служба кој според реформската агенда треба да се донесе до јуни 2025 година“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.