вторник, 10 март 2026

Предлог-законот за јавно обвинителство ја помина првата фаза од собраниската процедура

Со 75 гласови „за” и ниту еден „против“, Собранието  на денешната седница ја утврди потребата од донесување на предлог-законот за Јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура. За предлог-законот за Јавното обвинителство во наредните денови треба да се одржи јавна дебата во рамки на собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за правда, Игор Филков при образложувањето на предлог-законот пред пратениците истакна дека со новото законско решение се врши сеопфатна модернизација на организацијата, надлежностите и функционирањето на јавнообвинителскиот систем, со цел поефикасна борба против криминалот и корупцијата и зајакнување на владеењето на правото. Потенцира дека целта на овој закон е да се изгради модерен, ефикасен и транспарентен обвинителски систем кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

„Со овој закон создаваме услови за поефикасно, потранспарентно и поодговорно функционирање на јавното обвинителство. Нашата цел е да изградиме систем во кој ќе владеат професионалноста, мерит-системот и отчетноста, а граѓаните ќе имаат поголема доверба во правосудството“, рече Филков.

Тој посочи дека реформата е резултат на долг и инклузивен процес кој започнал во ноември 2024 година со формирање работна група во која биле вклучени експерти, универзитетски професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и претставници на меѓународната заедница, вклучително и ОБСЕ и Европската Унија.

„Во подготовката на законот се вградени препораките од Развојната секторска стратегија за правосудство, Реформската агенда, препораките на ГРЕКО, Патоказот за владеење на правото и извештаите на Европската комисија“, нагласи министерот.

Тој рече дека предлог-законот, заедно со предлог-законот за Советот на јавните обвинители, бил доставен на мислење до Венецијанската комисија, која даде позитивно мислење со неколку препораки што се веќе вградени во финалниот текст. Со новиот закон, како што истакна, се воведува јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, се зајакнуваат гаранциите за нивната самостојност, а се подобрува и организацијата на работата на обвинителствата.

„Воведуваме поефикасен систем на оценување на обвинителите, јасни критериуми за професионалност и квалитет на одлуките, како и подобра организација на предметите и зајакнување на истражните центри со цел поефикасни истраги“, рече министерот Филков.

Дополнително, како што потенцира, со законските решенија се зајакнува транспарентноста во постапката за избор на јавниот обвинител на Република Македонија преку јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии. Нагласи дека се воведува и појасна и поефикасна дисциплинска постапка, со рокови за постапување и механизми за спречување злоупотреби на дисциплинските постапки.

„Се врши градација на дисциплинските повреди, соодветни мерки во зависност од сериозноста и последиците од повредата. Дисциплинската комисија мора да ја заврши постапката во рок од 6 месеци, односно до 9 месеци во посложени случаи. Воспоставена е обврска за водење евиденција за сите изречени дисциплински мерки. Значајна новина е и заштитата од потенцијални злоупотреби на дисциплинската постапка, што неретко беше случај во минатото. Ако јавен обвинител побара разрешување додека трае дисциплинската постапка, таа ќе продолжи до конечна одлука за утврдување одговорност. Оваа одредба има за цел да спречи злоупотреби и повторно аплицирање преку нов оглас“, истакна министерот за правда Игор Филков.

Пратеничката на НСДП, Соња Мираковска смета дека овој закон најмалку е реформски и дека не претставува никаква суштинска реформа, затоа што, како што рече, не може да доведе до реформи.

„Силна хиерархија давате на јавниот обвинител и на тој начин се руши ова основно начело кое е предвидено во член 106 од Уставот и двапати го споменувате во законот во членот 2 и членот 3 дека „јавнообвинителската служба е независна“. Нема јасни граници кога зборуваме за таа хиерархија особено на државниот или јавниот обвинител на Република Македонија. Нема јавни разграничувања, јасни граници помеѓу она што претставува организациска хиерархија, што треба да биде хиерархија и она што значи функционална независност на јавните обвинители во вршењето на својата функција каде што вие сега воведувате силна хиерархија“, рече Мираковска.

Ако вака остане законот за јавното обвинителство, според неа, „најмалку е реформски, најмалку ќе донесе до независност, најмалку ќе им даде права на обвинителите да размислуваат по свое убедување, да обвинуваат, да гонат…“

„Овој закон воопшто не ни се допаѓа. На потег е да прифатите амандмани со кои ние од петни жили ќе се обидеме да смениме нешто, затоа што законот едноставно не е возможно да се промени. Најдобро би било да се повлече“, додаде Мираковска.

Пратеникот на Социјалистичка партија на Македонија, Малиша Станковиќ истакна дека овој закон е добра основа и со одредено подобрување конечно ќе биде воспоставен систем кој ќе почне да функционира, бидејќи, како што рече, вака не функционира.

„Ние имаме проблем со Јавното обвинителство и тоа е факт. Јавното обвинителство има доверба од 2 проценти. Тоа исто јавно обвинителство во 2011 година имаше доверба од 34 проценти, во 2016 година – 29 проценти. На 29 проценти вие знаете дека имаше незадоволство кај граѓаните, па имаше една таканаречена ‘шарена револуција’, по што следуваше промена на власта, а по промената на власта следуваше оној насаден орган што се викаше СЈО. Наместо да се подобрат работите во јавното обвинителство, знаевме како заврши – неславно со Катица Јанева. Потоа ситуација со Рускоска, па Хајрулахи, па последната изјава на Лејла Кадриу и на крајот она што се случи со Артан Груби. Како мислите да го подобриме системот доколку не дојдеме до промена на законскиот текст? Денеска, ние само одлучуваме дали треба да се промени законот и дали има потреба од промена на законот? И сметам дека сите заедно како пратеници мораме да дојдеме до заклучок дека има потреба од промена на законот. Со 2 проценти доверба, тоа е нефункционален и непостоен орган“, рече Станковиќ.

Тој потенцира дека со корекциите што опозицијата ги предлага ќе се дојде до Јавно обвинителство кое претходно го имавме. Нагласи дека јавните обвинители конечно мора да почнат да одговараат за својата работа, бидејќи, како што рече, „со претходните закони не одговараа и правеа што сакаат“.

Собранието ги усвои и предлог на законот за органско земјоделско производство и годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2025 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ