„Во моментот се извезуваат јагниња со просечна тежина од 25 до 26 килограми жива мера. Мало јагне ретко има. Цената се движи од 270 до 280 денари жива мера. Очекувавме повисока цена, но тоа е што е. Јагнињата ги носам за скопска фирма, а се колат во кланица во Ново Село, Струмичко. Јагнињата се извезуваат за Хрватска, за Албанија, Италија. Оваа година се бара поголемо јагне што се нема случено последните 15 години. Тоа е во интерес на македонските сточари. Може да се рече дека 80 отсто од извозот на јагнињата е завршен за Велигденските празници“, вели Марјан Стојаноски, сточар од Прилепско, но и вклучен во откупот на јагнињата.
Сточниот фонд постојано се намалува и според Стојаноски годинава имало помалку јагниња во понудата за откуп. Но, извозот ги опфати сите јагниња што може да се понудат на пазарот. Цените не се стимул за младите да бидат идни одгледувачи на овци.
„Дадов 65 јагниња. Дел од јагнињата чувам. Цената е ниска за овие маки што ги имаме со јагнињата. Но речиси и изумре сточниот фонд во земјава. Не можеш да ги натераш младите да одгледуваат овци. Ако, евентуално, се зголеми цената, може ќе ги убедиме, ама намален е многу сточниот фонд“, вели сточарот Венче Аврамоски од Прилепско.
Сточарите очекуваат да им се исплатат субвенциите за овци за 2025 година. Последната информација што ја добиле е дека налозите се во трезорот.
МИА






