петок, 13 јуни 2025

Пред скопското обвинителство осамна платно со имињата на настраданите во пожарот во Кочани

Иницијативата „Кој е следен“ денеска пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје побара правда за настраданите во пожарот во Кочани. Од иницијативата поставија бело платно на кое беа испишани имињата на загинатите и повредените во пожарот. Во меѓувреме од штипската болница информираа дека над 110 повредени во пожарот во кочанската дискотека биле примени кај нив. Во кочанската болница пак состојбата е вонредна, информираше директорката Кристина Серафимова.

 

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

„Поминаа два месеца од најголемата трагедија во нашата историја. Најголемата трагедија која се случи пред наши очи. Денес го потсетуваме Основното јавно обвинителство, го потсетуваме системот, ја потсетуваме јавноста дека зад бројките стојат човечки животи“, нагласија од иницијативата „Кој е следен“.

Оттаму најавија дека утре ќе се приклучат на протестот што семејствата на настраданите во пожарот го организираат во Кочани.

Во меѓувреме од штипската болница информираа дека над 110 повредени во пожарот во кочанската дискотека биле примени кај нив.

Два месеца по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани здравствените работници од Клиничка болница во Штип велат дека иако немале искуство при вакви големи трагедии на 16 март успеале да извршат тријажа на над 110 млади луѓе, кои биле транспортирани на Клиниките во Скопје, а потоа и по болниците во странство.

Билјана Рогожарска, одговорна сестра за интрахоспитални инфекции, во Клиничка болница-Штип вели дека пред два месеца само еден телефонски повик, толку било потребно да се мобилизира целиот персонал во штипската болница.

„Се мобилизиравме сите, буквално сите што беа во градот, а не се на работа со еден повик се јавија на своите работни места. Функциониравме бепрекорно. Мора да нагласам дека ние претходно не сме имале обуки за елементарни непогоди или вакви тешки несреќи. Ние функциониравме со поглед. Беше тишина, а се се одвиваше екстремно брзо и добро“, рече Рогожарска.

Таа вели дека траумите од тој кобен ден никогаш нема да се залечат. Рогожарска вели дека во тие моменти лекарите и медицинскиот персонал морале длабоко да ги потиснат своите чувства и емоции. На тој начин покажувајќи голема посветеност и професионализам на работните места.

„Во самата ситуација и во самиот момент при приемот на болните, немаше емоции, во смисол на стрес, испаниченост, исплашеност. Функциониравме во тишина, без збор. Кај нас емоциите доаѓаат оттпосле. Работевме од 3.30, се до нардниот ден до 12 по полноќ, кога и последниот пациент беше испратен за Скопје“, рече Рогожарска, одговорна сестра за интрахоспитални инфекции, во Клиничка болница-Штип.

Во кочанската болница пак состојбата е вонредна, информираше директорката Кристина Серафимова.

Два месеца по трагичниот пожар во клубот „Пулс“, младите кои се здобија со изгореници добиваат физикална терапија, за што се обезбедени посебни оддели, а се вршат и секојдневни преврски на повредите.

„Има наменски простории на одделенијата за хирургија и за неврологија, за да се избегне метежот и чекањето пред ординациите. Со повредените работи еден специјалист по физикална медицина со тројца физиотерапевти кои минатата недела ја завршија дополнителната обука што се спроведе со поддршка од Светската здравствена организација. Дополнително имаме уште еден лекар специјалист и тројца терапевти од болницата во Штип. За лицата со изгореници се прават преврски од страна на двајца хирурзи, четири инструментарки и дополнителни тимови со лекари од пластична хирургија од Скопје. Во моментов околу 40 повредени добиваат физикална терапија, а преврски се прават кај повеќе од 70 лица“, истакна Кристина Серафимова, директорка на Општата болница.

Поради сериозноста на повредите третманот и рехабилитацијата ќе трае најмалку една година, а напорите на медицинските лица се што побрзо да им овозможат на повредените да функционираат самостојно.

„Се работи за три вида симптоми што се појавени кај повредените. Кај оние со изгореници има контрактури, односно вкочанување на зглобовите на местата каде што се повредите, и станува збор претежно за рацете. Кај другите деца, кои се повредени при стампедото има нагмечување на долните екстремитети и кај третите, коишто се со интоксикација на јаглеродниот моноксид, има дополнителни симптоми, за што се прават вежби за дишење заради зголемување на белодробниот капацитет“, додава Серафимова.

Вчера бил остварен контакт со ракводството на Институтот за физикална медицина и рехабилитација Козле од Скопје при што е договорено екипи од лекари и медицински сестри да ја посетуваат болницата во Кочани за да помогнат за подобра рехабилитација на повредените.

Последните објекти на Општата болница во Кочани се изградени во почетокот на 80-те години, а останатите се од пред седум децении, поради што на здравствената институција ѝ е потребно обновување и од просторен аспект, но и со опрема.

„Најмногу од сѐ ни недостасува медицински персонал, а реално на целата болница ѝ недостасува едно убаво реновирање“, заклучи директорката на Општата болница – Кочани.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март животот гозагубија вкупно63 лица, а околу 200 беа повредени. Поголем дел од нив беа испратени на лекување во странство. Во пожарот загинаа и членови од бендот „ДНК“ кој таа вечер имаше концерт во дискотеката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ