За незапаметената трагедија со 63 жртви и над 200-те повредени почна судски процес кој е во тек, а за почетокот на март се закажани уште две нови постапки во кои ќе им се суди на полициски службеници. Тоа се три постапки пред суд и уште една за која се чека оценка на обвинителниот акт.
На 19 ноември лани почна првиот судски процес за овој трагичен настан. Во него на 35 физички и три правни лица им се суди за истото кривично дело, за тешки дела против општата сигурност и за помагање за истото кривично дело.
Во обвинителниот акт што Основното јавно обвинителство Кочани го поднесе неколку месеци по трагедијата стои дека 13 години, односно од 2012 до март 2025 година, во Кочани, Виница, Штип и Скопје повеќе одговорни и НН службени и одговорни лица, заеднички со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес, воопшто не постапиле според прописите и техничките правила и мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето како и имотот од големи размери.
Сите обвинети, и оние кои биле сопственици и пред трагедијата го работеле Пулс, и оние кои во период од години наназад биле на чело на локалната власт пред да се случи трагедијата, и оние кои работеле во Државниот пазарен инспекторат, одговорни од Министерството за економија, односно и оние кои директно учествувале во реновирањето на дискотеката, во продажбата на карти, во одредување на бројката на гости, во договарање на концерти, во поставување на решетки на прозорците од дискотеката, а и оние кои пред повеќе од 10 години ставиле потпис на документите за работа на дискотеката… во судската постапка одговараат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност од член 292, како и за помагање во извршување на истото кривично дела.
Адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на поранешниот советник во Министерството за економија, Шофкет Хазари, обвинет во предметот судскиот процес за Пулс, на последното рочиште се осврна на брифингот на ОЈО ГОКК кога беше запрена постапка за седум полициски службеници. Овие полициски службеници биле надлежни да вршат проверки во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, но не и проверки поврзани со услови за противпожарна заштита и минимално-технички услови за вршење угостителска дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност.
Оттука, ОЈО ГОКК смета дека нивните дејства не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот критичната вечер.
Повикувајќи се на овој момент од одлуката на ОЈО ГОКК, Шилегов тогаш рече дека делата за кои е запрена постапката против седумтемина полициски службеници се поклопуваат со оние за кои се гонат дел од обвинетите за пожарот против кои во тек е судска постапка. Во таа насока, адвокатот рече дека Јавното обвинителство што го застапува обвинението треба да ги преиспита наводите во него. Според Шилегов, образложението на ОЈО ГОКК и наводите во обвинението за пожарот се контрадикторни.
„Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита своето мислење и став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. Наместо да продолжиме мислам дека е поцелисходно Обвинителството да утврди за кои лица може да се води постапка. Еден ден судење државата ја чини 150.000 евра што укажува на неекономичност на судењето”, додаде на минатото рочиште за Пулс, Шилегов.
Тој побара од Обвинителството во конкретниот предмет да ги преиспита своите наводи и да ја запре постапката за дел од обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.
На неговиот предлог се приклучија и бранителите на другите обвинети. Во изјава за медиумите во врска со неговото барање, Шилегов кажа дека за иста крвично-правна квалификација за едни лица се запира постапката, додека за други таа продолжува.
Како ќе заврши овој судски процес и што ќе донесе крајот на постапка, засега никој не знае. Она што е извесно е дека постапките ќе бидат долги и мачни со оглед дека има многу потресни сведоштва, а и многу докази.
K.Д.






