среда, 1 април 2026

Пред да се фрли од тераса, Ивана барала од Стојанче да се вклучи на вибер со камера, сведочеше Саздов во судница

Неколку дена пред 2 март 2026 година Ивана Јовановска цело време му пишувала дека веќе не може да издржи, многу ѝ било тешко, не можела да го поднесе сопругот Стојанче, била многу исплашена, психички падната, сведочеше во продолжението на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје сведокот Мартин Саздов во случајот со самоубиството на Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја, кое се случи на 2 март 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Пред 2 март вечерта сега покојната Ивана Јовановска му пишала порака на сведокот Мартин Саздов.

„’Мартин, те молам, не оставај ме, многу ми е тешко, не можам да го издржам ова’. Јас сум заспал и не сум ѝ вратил. Утрото ја видов пораката и отидов кај неа на работа да ја видам. Околу 10:30 часот. Разговаравме да оди кај мајка ѝ“, сведочеше пред судот Саздов.

„Ѝ викав, не дај боже, еден ден ќе те убие. Таа ми велеше, не можам, Мартин, не можам да го оставам станот, ќе останеме на улица со Катја, Катја си ја сака и си ја бара собата“, сведочеше Саздов.

Потоа Ивана му се јавила на Саздов исплашена.

„Ми рече, те молам, врати се, Стојанче е тука“, додаде тој.

Стојанче почнал да ја тепа сопругата Ивана.

„Почнав да го влечам, му реков, не удирај ја. ‘Курвата ми кажа дека ти си ме наместил’ – рече Стојанче. Ивана рече дека не е точно и дека тој манипулира. Пак ја тепаше, ги разделив“, сведочеше Саздов.

Ивана седнала одзади во возилото, а и Стојанче влегол во автомобилот. Мартин ја замолил Ивана да се врати на работа, но не сакала. Стојанче ја навредувал и почнал да ја мава со боксови.

„Курво една, ќе видиш со кого си фатила работа, немој да мислиш дека ви се плашам“, велел Стојанче, како што сведочеше Саздов. Ивана се онесвестила, Мартин застанал среде улица за да ги раздели.

„Стојанче ми рече ‘остави ја курвата, ништо не ѝ е, сега ќе ѝ го земам телефонот од раце, ќе видиш како ќе стане’. Се обиде да го стори тоа, таа се освести, а Стојанче рече ‘види ја курвата како глуми’“.

Влегле во суд, Стојанче да се пријави. Се пријавил. Потоа излегле.

„Ивана стоеше до возилото и зборуваше на телефон. Стојанче ја прашуваше со кого зборува, а таа одговараше со мајка ми, со мајка ми. Стојанче инсистираше да види“, сведочеше Мартин Саздов.

Според зборовите на сведокот Саздов, Стојанче мислел дека таа повторно го пријавува во полиција, ја навредувал. Ивана не сакала да му го даде телефонот за да не ѝ го скрши. Потоа му го дала на Мартин од негови раце да види Стојанче тоа што сака. Потоа Ивана побарала да разговара со Стојанче настрана. Тој пак почнал да ја тепа со двете раце одеднаш. Ивана се јавила во полиција и пријавила на 192. Стојанче тогаш се смеел, кога видел дека пријавува во полиција, рекол „курво една, ништо не можеш да ми направиш, ќе видиш со кого си фатила работа“.

Полицијата ја тргнала Ивана настрана и разговарале, а потоа и со Стојанче разговарале. Полицајците им ги вратиле личните карти на сопружниците и им рекле да си го решат проблемот. Како што сведочеше Саздов, со Стојанче се качиле во возилото, тој побарал да го однесе дома. Ивана одела накај судот. Полицајците застанале до нивното возило, им кажале дека повторно има пријава за закани. Ивана повторно се вратила.

„Ѝ реков, Ивана кажи им на полицајците кој ти се заканува. Таа молчеше. Тие почнаа да викаат дека уште еднаш ако пријави, ќе ѝ пишат казна за лажно пријавување“,  појасни Саздов.

Подоцна ја зеле Катја од училиште, па се упатиле четворицата кон станот.

„Стојанче ја навредуваше Ивана пред Катја, се закануваше. Велеше, ‘курво една, ќе видиш што ќе ти направам, ќе видиш со кого си фатила работа, да се губиш од станот’“, сведочеше Саздов.

Тој одговори потврдно дека обвинетиот Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана, се заканувал, бидејќи сметал оти бил наместен за дрога. И се заканувал на сопругата Ивана и дека ќе ѝ ја земе нивната заедничка ќерка Катја. Според зборовите на Саздов, Ивана и Катја се качиле да си земат работи од станот, Стојанче не сакал да одат сами, рекол, „нема да ја оставам курвата сама, ќе се качиме сите заедно во станот. Ако одам во затвор, ќе излезам и ќе те убијам“, зборувал Стојанче.

„Ивана и претходно ми кажуваше дека Стојанче ѝ се заканувал дека кога ќе излезе од затвор, ќе ја убие, ѝ покажувал пиштол“, рече сведокот Мартин Саздов.

Мартин не сакал да се качи во станот, а му било и страв Стојанче пак да не ја тепа Ивана. Сепак, на крајот, сите заедно се качиле во станот.

„Ивана во раце ја држеше Катја и заедно влегоа во станот. Стојанче по нив. Тој рече, ‘земи, курво, сè што ти треба и губи се од тука’“, сведочеше Саздов.

Ивана побарала пет минути. Мартин и Стојанче чекале пред врата. Не се слушале гласови. Потоа рекла дека не сака да си оди од станот, а Саздов му рекол на Стојанче Јовановски да се симнат долу, за Ивана и Катја да се одморат.

„Стојанче рече ‘пак ми правиш курвински работи, ќе ја сменам бравата’“, додаде Саздов.

Рекол дека ќе ги земе Катја и станот, а Ивана се насмеала и рекла прави што сакаш.

„К*р ќе ти го вратам дарот“, викал Стојанче. Ивана и претходно кажувала дека тоа ѝ го кажувал. Ивана ја затворила вратата и ја заклучила. Мартин мислел дека таа ќе се премисли и ќе се симне, па стоеле со Стојанче, кој викал „оваа ми прави курвински работи“.

„Таа курва не се убива, не умира“, рекол Стојанче кога Мартин прашал да не си направи нешто Ивана. Потоа Ивана му се јавила на Стојанче, Мартин прашал што разговарале, а тој одговорил дека не разбрал. Ивана пак му ѕвонела, но не ѝ кревал. Потоа му се јавила на Мартин.

„Стојанче не ми крева, можеш ли да му кажеш да ми крене на камера?“, ми рече, сведочеше Саздов.

Стојанче го отворил телефонот, по што повикот помеѓу Ивана и сведокот Мартин Саздов се прекинал. По ова, Ивана му заѕвонила на сопругот Стојанче со камера, а Саздов успеал да ѕирне.

„Ја видов Ивана како стои со Катја на тераса, веднаш сфатив што ќе направи. Викнав ‘Ивана, немој да си направила глупост’, почнав да трчам накај влезот кога само слушнав силен удар“, рече плачејќи Мартин во судницата.

Саздов опиша како ја видел Ивана целата во крв, мислел дека Катја е горе. Потоа ја видел и Катја до Ивана.

„Почнав да викам, ве молам, викнете брза помош. Стојанче не отиде да ги види“, рече Саздов.

Тогаш обвинетиот Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана се вмеша и кажа дека немал храборст да го стори тоа.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ