Во српскиот парламент во моментов на иницијатива на претставници на владејачката Српска напредна партија, се разгледуваат законите во областа на правосудството.
„Тврдењата за ‘надворешно влијание’ врз судството во Србија не се поткрепени со јасни докази, додека ризиците од зајакнување на внатрешната политичка контрола се многу реални. Слични проблеми постојат и во Северна Македонија, и верувам дека тие всушност се дел од шема што потекнува од Унгарија и која е копирана со повеќе или помалку успех јужно од Хоргош.
Ваквите законски измени би можеле сериозно да го забават или всушност да го блокираат напредокот на Србија кон членство во ЕУ. Затоа Мисијата на Европскиот парламент минатата недела јасно стави до знаење дека ова би претставувало сериозен застој и шајка во ковчегот на независното судство на Србија. Од друга страна, Северна Македонија е во нешто поповолна позиција, но без опипливи резултати во областа на владеењето на правото, напредокот останува ограничен“, вели Пребилиќ.
Тој вели дека Србија го задржува статусот на кандидат, но запаѓа во долгорочна стагнација поради нерешени проблеми во областа на владеењето на правото.
„Македонија е поинаков случај, бидејќи билатералниот спор со Бугарија ја држи целата земја како заложник, а сите други проблеми се секундарни. Европскиот парламент препознава загрижувачки модели што укажуваат на системска политизација на судството во Србија, додека во Северна Македонија тоа е сè уште ризик што може да се спречи. Сепак, просторот за дејствување брзо се стеснува. Европскиот парламент сè повеќе ја разгледува можноста за построг политички одговор, вклучително и заострување на условите и замрзнување на одредени фази од преговорите со Србија. Тонот на официјалните резолуции веќе станува значително покритичен. Сакаме да им кажеме на луѓето низ целиот Балкан – и во Србија и во Македонија – дека не сте сами во вашата борба, ве слушаме и ве гледаме и стоиме со вас колку што можеме.
Постои перцепција за двојни стандарди во односот на ЕУ со Србија, првенствено како резултат на геополитички размислувања, а не на формална политика. Ова го поткопува кредибилитетот на политиката за проширување на долг рок. Но, би го истакнал фактот дека Европската комисија ја затвори славината – повеќе од половина од парите од Планот за раст не пристигнаа затоа што реформите не се спроведени. Нема реформи – нема да има пари и мислам дека тоа е важна порака и за сите други“, вели европратеникот.
Неговата порака до властите во Србија и во Македонија е дека сè уште не е предоцна за промена на курсот, но дека времето истекува. Искористете го овој бран на проширување на ЕУ бидејќи не сме сигурни дека следниот ќе дојде наскоро, порача Пребилиќ.
А.Д.






