недела, 7 декември 2025

Правосудството не ја искористи шансата да се бори против корупцијата – смената на обвинителот Коцевски е логична, порача премиерот

Владата не се меша во судството, но Владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, порача Христијан Мицкоски, претседател на Владата во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Објавено на

часот

Сподели

„Тие велат – ‘за нас не се грижете, ние сами ќе се грижиме, а вас само ќе ве информираме’. Ние велиме – ‘во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите’. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа што земаа нивните колеги во ОЈО, па знаете како завршија – со ‘луј витон’ торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол, стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.

Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.

„Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги… Дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно којшто беше директор во здравствена установа, којшто беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор којшто е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, којшто исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.

Во интервјуто, премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите направени анкети – судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.

„Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада. Рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме. Рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој граѓанин во државата што мисли дека овие членови во Судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На која било анкета  ќе видите дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.

Говорејќи на тема судство и обвинителство, премиерот истакна дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75% повеќе, но истовремено прашува кои резултати ги покажале судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.

„Ако зборуваме за буџетот. да презентирам една анализа за македонските граѓани. Ова е европски извештај. Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39% од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните, соседна Грција издвојува 0,26%, Франција издвојува 0,2%. Да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3%, а европскиот просек е 0,31% од бруто домашниот производ, а медијаната е 0,28%. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек, или во бројки – повеќе од 75% од земјите членки на ЕУ“, посочи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дури и дека земјите кои се стремат кон ЕУ издвојуваат помал буџет од Македонија, односно Албанија 0,295%, Молдавија 0,35%, Грузија 0,23%, а ние имаме повеќе од сите.

„Законот вели до 0,8%. Во новите измени на законот бараат минимум 0,8% и минимум 0,5% за обвинителството или вкупно 1,3%, што нема теоретски шанси, затоа што би било три пати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа. Судија почетник, според европскиот извештај, годишно заработува 19.170 евра бруто плата. За Словенија од истиот извештај судија почетник заработува 34.101 евро бруто плата, или некаде околу 80% повеќе, притоа бруто домашниот производ за Македонија е некаде 6,5 илјади евра, а за Словенија е 28 илјади евра. Или математички, судија почетник во Словенија има 80% поголема бруто плата од судија почетник во Македонија, при три и пол пати поголем БДП од тој кој го имаме ние. Каква е пропорцијата тука“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи за јавноста да знае прецизно, претседателот на еден суд во Македонија има плата околу 180.000 денари ( околу 3.000 евра), додека неговата плата како премиер е 155.000 денари.

„Во регионот буџетот за судови: Албанија 0,17% од БДП, ние 0,30%, а Молдавија – фронтранери кои напредуваат кон ЕУ е 0,18%, Грузија 0,15%. Ова кажува дека буџетот кој Владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75% земји членки на Европската Унија. Јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, а што се однесува до делот одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, Владата не се меша во судството, но Владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, изјави премиерот Мицкоски.

Во контекст на состојбите во правосудството, премиерот се осврна и на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично, ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен след на настаните би била негова смена.

„Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75% од земјите на ЕУ.

„Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека тој не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75% од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш  мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави“, додаде Мицкоски.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ