Редакцијата на МКД.мк пишуваше за случајот со воспитувачката уште во септември кога се случи овој настан. Според првичната пријава од мајката на детето, раната му била направена откако негувателката го удрила со тврд предмет. Тогаш објавивме дека детето раскажало дека раната ја добило откако вработена го удирала со лажица по глава оти му се истурило јадењето.
Според член 201 од Кривичниот законик, родител, посвоител, старател или друго лице кое со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ќе го запушти малолетното лице или ќе го малтретира, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
„По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство врз дете од член 201-а од Кривичниот законик. На 01.09.2021 година, обвинетата 48-годишна воспитувачка во детска градинка во Автокоманда извршила физичко насилство спрема дете оставено на грижа и чување во објектот. Додека го делела ручекот за децата во групата, обвинетата со метална супена лажица го удрила детето по главата, нанесувајќи му телесна повреда, нагмечно-расцепна рана на темето”, соопштија од Јавното обвинителство.
Настан лани за МКД.мк го потврди и директорката на градинката, Анета Петровска. Таа тогаш рече дека е точно дека детето имало рана на главата, но за настанот официјално не упати да почекаме да заврши истрагата.
„Јас до овој момент прибирав податоци и документација и други насоки за постапување по случајот. Секако дека ќе постапиме согласно законот, и се што истиот ни налага ќе биде испитано. Пријавата за настанатата повреда кај детето е од родителите. Ќе биде формирана и комисија која ќе го испита целиот овој случај, па дополнително ќе ја известиме јавноста со сите официјални податоци. За сега да ја почитуваме презумцијата на невиност и додека не се утврди што точно се случило, не можам да давам било какви информации со кои би и наштетила на истрагата”, ни изјави тогаш директорката Петровска.
Во групата во која се случил инцидентот имало 15 дечиња на возраст од 2 до 6 години. Во градинката има камери на влезот и излезот, но не и во занималните каде што се чуваат децата, бидејќи не е дозволено да се снима.
К.Д.






