
За останатите деветмина обвинети доктори кои во тоа време беа членови на комисиите во Фондот и одлучуваа за лекувањата во странство исто така го преиначи делото.
На денешната јавна расправа, при давање завршни зборови, основниот јавен обвинител Анел Фидовски, направи правна преквалификација, односно промена на обвинителениот предлог, а за тројца обвинети се откажа од кривично гонење. Имено, јавниот обвинител се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице. За останатите обвинети, членови на првостепена и второстепена комисија, обвинителството направи правна преквалификација и наместо член 353 в од Кривичниот закон ,,Несовесно работење во службата”, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување., велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со оваа преквалификација која ја направи основниот јавен обвинител на завршните зборови во случајот Тамара, настапи апсолутна застареност за кривично гонење.
Малата Тамара почина во февруари 2015 година поради тежок деформитет на рбетниот столб, додека институциите решаваа каде таа ќе се лекува.
Тогаш Комитетот заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава против сите лица кои постапувале во случајот, за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата”.
Три години подоцна, дури во 2018 година, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 12 лица за несовесно работење во службата. Основното јавно обвинителство констатирало дека првостепената одлука на комисијата при Фондот за здравствено осигурување била донесена надвор од законскиот рок за итно постапување, како и дека основа за одлуката била изјавата на тогашниот минситер за здравство, Никола Тодоров, дека пациентите со деформитет на рбетот нема да одат во странство, поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови за извршување на вакви операции во нашата држава.
Одлуката беше донесена без присуство на доктор ортопед и трауматолог, како доктори во чија специјалност припаѓа заболувањето на малолетната Тамара Димовска, иако претседателот/заменик претседателот задолжително требало да избере состав на доктори-членови на комисијата во чија надлежност спаѓа нејзиното заболување.
Второстепената комисија постапува на истиот начин и ја потврдува одлуката на Комисијата при ФЗО.
Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година, а за една од обвинетите постапката беше одвоена, поради здравствени проблеми.
Во октомври 2019 година, јавната обвинителка која го застапуваше обвинението побара изземање, а потоа беше назначен нов јавен обвинител. Основното јавно обвинителство единствено ја информираше јавноста дека јавната обвинителка се иззема поради постоење на законски пречки за нејзино понатамошно постапување, поради нови околности кои настапиле, но не навлезе во подетално образложување.
Во октомври 2020 година и тогашниот судечки судија Марин Станевски побара изземање, па предметот се прераспредели кај нов судечки судија – Александра Ристеска. За обвинетата за која се водеше одвоена постапка беше донесена осудителна пресуда со условна казна затвор, но Апелацискиот суд ја поништи оваа одлука и предметот го врати на повторно одлучување.
Судечкиот судија Александра Ристеска ја спои постапката за обвинетата со постапката на останатите 11 обвинети. Со одлуката на Обвинителството овој процес се затвора.






