Пред Апелацискиот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по повод изјавените жалби на обвинетите по сите основи и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повод изречените кривични санкции и казни, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот познат во јавноста како „Таргет-Тврдина”.
Вишото обвинителство побара од второстепените судии да ја запрат постапката за кривичното дело примање награда за противзаконит влијание за Сашо Мијалков и во тој дел да му се намали казната, а за другите кривични дела да се потврди првостепената пресуда.
„На седницата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје го презентираше писмениот предлог со кој се предлага сите изјавени жалби да се одбијат, а по повод жалбата на обвинетиот С.М. и по службена должност Апелацискиот суд Скопје да ја запре постапката за кривичното дело од член 359 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик поради настапена апсолутна застареност на кривично гонење и следствено на тоа да интервенира во одлуката за казна, додека во останатиот дел пресудата да се потврди“, велат од Обвинителството.
Според Член 359 став 1 тој што директно или индиректно ќе прими награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист за себе или за трето лице за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што морало да се изврши или да не се изврши што не смеело да се изврши, ќе се казни со затвор од една до три години.
Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни тој што со
искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или
општествена положба и углед, ќе бара, интервенира, поттикнува или на друг
начин ќе влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се
изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши.
За случај „Таргет-Тврдина“, Основниот Кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и условни казни.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од страна на првостепениот суд е осуден на казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување” и „примање награда за противзаконито влијание”.
Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Судија известител на денешното рочиште во второстепени суд е судијата Енвер Беџети, а како застапник на Вишото Jaвно обвинителство Скопје е обвинителот Елвин Вели.






