четврток, 11 декември 2025

„Ватсап“ пораките ги скараа Боки 13 и неговата одбрана со судијката

Објавено на

часот

Сподели

Боки 13 смета дека без овој доказ и без испитување на сведоците, кои се дел од разговорите, нема никаква смисла да ја дадат одбраната, која подоцна ќе биде искористена само како алиби дека постоела.

„Сѐ додека материјалните докази во конкретниот случај, содржината од ‘ватсап‘ комуникацијата од одземениот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски, не биде екстрахирана во законски предвидена форма, и изведена како доказ во оваа постапка, ние како одбрана нема да пристапиме кон давање на исказ на обвинетите како доказно средство кое што го предвидува Законот за кривична постапка“, рече адвокатот Сашо Дуковски.

Тој побара од судот ова барање да не се третира како бранење со молчење.

„Го молам судот без измени и дополнувања, вака како е наведено, да постапува по ова што јас сега го кажав, и би замолил, истото да не се третира како некакво си бранење со молчење или некаква друга правна формулација, затоа и ќе повторам и со тоа завршувам, дека, сѐ додека не се изведат материјалните докази, посочив кои, давањето на одбрана е безпредметно и во ништо нема да помогне за утврдување на фактичката состојба“, кажа Дуковски.

Јовановски, пак, од судот побара да му биде вратен телефонот за кој рече дека ќе му бидат доволни од три до седум дена да бидат екстрахирани податоците, дотолку повеќе што предложените и прифатени сведоци од страна на судот има право како првообвинет да ги презентира пред судот.

„Укажувам и потенцирам на судот дека јас како првообвинет во оваа постапка, не се откажувам од правото на давање на своја одбрана и исказ, апелирам и го замолувам судот да ми овозможи, согласно законските предвидени процедури според ЗКП во смисла на водењето на главната расправа, остварување на секоја предвидена и одобрена фаза од страна на судот во однос на доказната постапка“, рече Јовановски.

Тој посочи дека изведувањето на материјалните докази па потоа изведувањето навербалните докази, односно сослушувањето на предложените, па потоа прифатените сведоци од страна на судот, се тесно поврзани со неговиот исказ кој што треба да го даде пред судот како првообвинет во постапката.

Како што објави СДК.мк, судијката Софче Гаврилова Ефремовска на судењето донела лаптоп и покажала дека првообвинетиот Бојан Јовановски не ја зборува вистината кога тврди дека не се отворале пораките од „ватсап“ комуникациите во неговиот мобилен телефон, што тој ги бара како доказ.

„Од сè што прегледавме, не најдовме нешто значајно за оваа постапка. По осум месеци прелистување и поплаки од Јовановски дека не можело да се отвори Ватсап комуникацијата, го викнав ИТ лицето вработено во судот и по инструкциите од форензичарите од МВР кои му беа дадени и на Јовановски и одбраната, веднаш ги отвори. Да донесам лаптоп, сега јас ќе ѝ покажам на целата јавност”, изјавила судијката.

Во однос на телефонот на обвинетиот Бојан Јовановски, односно материјалите кои се содржани на телефонот, таа рече дека тој е одземен и обезбеден во првата постапка која што се водеше против обвинетиот Јовановски, позната како ,,Рекет 1“.

Случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Денешното рочиште треба да продолжи со одбраната на обвинетата Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ