недела, 14 декември 2025

Уставен суд отвори предмет за „францускиот предлог“

Формиран е предмет УЗ.44/2025 во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17 јули 2022 година во Софија. Во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука, информираат од Уставниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

Подносител на иницијативата пред Уставниот суд е поранешната пратеничка Лилјана Поповска.
Во иницијативата се наведува дека со Протоколот е прекршен член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот и се тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава. Протоколот е во спротивност со Уставот, пишува во иницијативата, бидејќи не е ратификуван во Собранието и не е објавен во дадениот уставен рок во Службен весник. Дополнително, се тврди дека е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување.
Поповска во иницијативата бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право (1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Собранието, туку останува само записник од состанок на меѓувладина комисија.
Се тврди дека за разлика на процедурата спроведена во Македонија која ја оценува како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала уште на 23 јуни 2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот, а потоа на седница на 24 јуни 2022 година го усвоила целиот пакет од францускиот предлог за почеток на преговорите со Македонија со имплицитно вградениот Протокол.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ