понеделник, 15 декември 2025

Судот ги замрзна трите стана за кои обвинителството тврди дека се на Груевски

Објавено на

часот

Сподели

Становите се на фирмата „ССИ Инвестмент”, но, според обвинетиот Орце Камчев и неговиот зет, Мето Стојчевски, тие се чувале за Груевски, а за замена за плацевите на Водно.

Овие плацеви пак, се водат на име на сопругата на бизнисменот Сергеј Самсоненко, Ирена Самсоненко, чија адвокатка на денешното рочиште побара одмрзнување на имотот на „Лајв кеар центар”, фирма на Самсоненко. Од Кривичниот суд велат дека ова барање допрва ќе се разгледува, и дека ќе се одлучи откако најпрво ќе добијат став од Обвинителството.

Според обвинението за случајот „Плацеви на Водно”, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, обвинетиот Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.

Завршните зборови за  овој предмет  се закажани за 12 април, по што ќе биде објавена пресудата.

Инаку, викендов на  интернет беа објавени снимени телефонски разговори од минатата година меѓу бизнисменот Камчев и Груевски, а кои одбраната на поранешниот премиер ги достави како доказ, со што и стои на ставот дека се автентични, а во кои наводно Камчев тврди дека Груевски нема никаква врска со плацевите, односно дека нема да го инволвира во случајит.  Во последниот исказ пак, Камчев тврди дека становите биле чувани за Груевски.

Судијата снимените разговори не ги прифати како доказ бидејќи се незаконски прибавени, односно Груевски ги снимал на својот телефон без знаење на Камчев, што беше наведено и од одбраната на бизнисменот, како и од обвинителката.

Претходно обвинителката Стефанова, меѓу другото рече и дека ако овие разговори бидат прифатени како доказ, дека ќе треба и некогашните „бомби“ (снимените разговори кои беа доставени до Специјалното јавно обвинителство), да бидат прифатени како доказ. 

Во однос на становите, обвинителката побара по завршувањето на целата судска постапка, трите станови да бидат запленети. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ