Обвинителката побара и конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”. За Стефанова, исклучително важен бил исказот на обвинетиот Ристо Новачевски, па за него предложи условна казна. За обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев таа побара минимални казни, а го информира судот дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.
„Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствата кои му се ставаат на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во Панорама“, рече обвинителката Стефанова.
Адвокатот на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство, рече дека судот треба да ги гледа доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.
По денешните завршни зборови на својот фејсбук профил од Будимпешта веднаш се јави Груевски.
„Не беше тешко да се претпостави, како што и објавив пред околу две недели. Веднаш по направениот ‘голем пазар’ по кој следеше комплетен пресврт во нивните изјави, денес обвинителката Лиле Стефанова во завршните зборови побара од судот максимална казна за мене, а минимална за Јордан Камчев и условна за Ристо Новачевски“, напиша Груевски. Според него обвинителството не обезбеди ниту елементарен материјален доказ, ниту вербален доказ кој директно од сведоците го посочува дека купил и криел земјишта и станови.
Стефанова на денешното рочиште кажа дека обвинетиот Груевски цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка.
За неговиот братучед и поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков, Стефанова побара повисока казна, во рамки на онаа што е предвидена во закон.
„Обвинетиот Сашо Мијалков негираше дека презел какво било дејство на извршување на кривичното дело, тврдеше дека сведоците Александар Ивановски и Мето Стојчевски не ја зборуваат вистината, но од сите собрани докази очигледно е дека тој ги презел дејствата на извршување што му се ставаат на товар и го сторил кривичното дело перење пари, бидејќи знаел дека имотот се купува за Никола Груевски, дека парите се од кривично дело, а сепак ги презел дејствата на извршување почнувајќи од 2012 завршувајќи до 2020 година. Сашо Мијалков во 2012 година бил носител на висока функција, директор на УБК, а имал и висока функција во ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму сметам дека неговата одговорност на прикривање и помагање на Никола Груевски се дејства кои упатуваат да му биде изречена повисока казна во рамки на казната предвидена со закон”, побара обвинителката.






