
Во пријавата којашто беше објавена во КОД пишува дека е испратена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Владата и во неа стои дека поранешниот специјален обвинител Артан Ајро, кој сега работи во Обвинителството за организиран криминал, неговиот колега Гаврил Бубевски, актуелен шеф на скопското обвинителство, како и Арафат Муареми, поранешен истражител во СЈО, а сега директор на Управата за финансиска полиција, се осомничени за Злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење.
Според Државното правобранителство, тие навремено не поднеле барање за замрзнување на имотот на „Трансмет“ вреден 17,2 милиони евра, а Кочан тоа го искористил, па си го префрлил имотот на друга фирма, токму на денот кога СЈО побара замрзнување.
„Тие, заедно и со меѓусебен договор, организирано во група, првопријавениот (Артан Ајро) и второпријавениот (Гаврил Бубевски) во постапка пред суд, а третопријавениот (Арафат Муареми) во истражна постапка, знаејќи ја состојбата на имотот на четвртопријавениот (Сеад Кочан), дозволиле и не ги спречиле последиците настанати од незаконско постапување на страна на четвртопријавениот. Првопријавениот и второпријавениот, според Кривичната пријава, не ги презеле сите пропишани законски дејствија и правни средства кои биле должни да ги превземат во постапката, пишува во пријавата за случајот, што ја објави КОД.






