Резултатите од пописот на населението покажаа дека бројот на жители во Македонија се намалува и дека некои општини, особено во источниот дел од земјата, сега бројат драстично помал број на жители.
Од табелата што ја објави Државниот завод за статистика може да се забележи дека под 20 илјади жители имаат повеќе општини во кои постојат основни судови.
Тоа се Берово со повеќе од 11 илјади жители, Виница со нешто повеќе од 14 илјади жители, Крушево со 8 илјади, Свети Николе со 15 илјади, Крива Паланка со 18 илјади, Кратово со 7 илјади, Делчево со 13 илјади, Дебар со 15 илјади, Ресен со 14 илјади и Неготино со нешто под 20 илјади жители.
Црвенковска во интервју за МИА вели дека минатата година Судскиот совет изработил стратегија за судската мрежа во Македонија базирана на податоците од пописот спроведен пред 20 години и дека сега, со последниот попис станува очигледно дека треба да се направи нова анализа и извесни корекции имајќи ги предвид и искуствата од Европската Унија. На прашањето дали некои основни судови ќе одат под клуч, Црвенковска вели:
„Факт е дека резултатите од сегашниов попис мора да влијаат врз измена на таа Стратегија за судска мрежа на човечки ресурси. Многу е битно по бројот на население да се утврди точната структура на судови што се потребни на ниво на државата. Тука се поставува прашањето дали некој судија што е во седиште во населено место коешто брои под 20.000 жители, дали е оправдано нивното постоење. Се наметнува потребата и околу тоа дали тие судови со основна надлежност да бидат во рамките на некој суд што е во близина на тоа населено место со проширена надлежност. Потоа се наметнува прашањето дали територијата што моментално ја покриваат четирите апелациони судови по број на население, по инфраструктура, по миграции во меѓувреме што се случиле, одговара на сегашните резултати од пописот“, вели Црвенковска.
Таа нагласува дека Европската комисија за ефикасност на правдата вели дека на 100.000 жители треба да има 21.5 судија по глава на жител, при што се има предвид територијалната распостранетост на судовите, каква е судската мрежа, бројот на население, бројот на судии по глава на жител во секој суд.
„Мислам дека ние тежнееме кон исполнување на европските стандарди и дека треба при изработката на оваа стратегија, најверојатно, ќе биде пак со помош на таа Европска комисија, да се водиме од индикаторите и коефициентите коишто се предвидени“, изјави Црвенковска.






