петок, 3 април 2026

Обвинителот Цветановски се врати на работа, не се знае дали ќе го земе предметот за бонусите во СЈО

Јавниот обвинител Јован Цветановски повторно ја извршува својата функција во Вишото јавно обвинителство Скопје откако Советот на јавните обвинители едногласно ја укина неговата суспензија поради утврдени пропусти во постапувањето на дисциплинска комисија. Истовремено, Советот одлучи дисциплинскиот предмет против него да се врати на повторно разгледување.

Објавено на

часот

Сподели

Цветановски во изјава за МИА вели дека засега нема добиено официјално решение за укинување на првостепената дисциплинска одлука и оти очекува првин да се запознае со утврдените пропусти пред да даде поконкретен став.

– Сѐ уште немам добиено решение во однос на укинувањето на првостепената дисциплинска одлука. Имам решение само за укинување на суспензијата. Треба формално да ми биде доставено решението, да видам кои се пропустите што се констатирани за да можам да коментирам – изјави Цветановски.

Тој очекува новата дисциплинска комисија поинаку да ги оценува наводите од неговата жалба за кои, како што вели, воопшто не биле разгледани во првичната постапка.

– Мојата жалба на првостепеното решение беше обемна и првостепената комисија не одговори ниту на 10 проценти од наводите. Од тие причини очекувам тие да бидат констатирани во решението на Советот и дисциплинската комисија сега да посвети поголемо внимание бидејќи станува збор за сериозни прашања – посочи Цветановски.

Според него, особено проблематичен е делот што се однесува на, како што тврди, незаконски надзор врз неговото работење.

– Со еден надзор, за кој тврдам дека е незаконски, се влијаеше на моето работење како обвинител – на мислењето и одлуките што сум ги донел. Тоа се одлуки предложени во согласност со законските процедури. Очекувам новата комисија многу посериозно да ги земе предвид овие наводи – додава тој.

Во однос на прашањето дали повторно ќе постапува по предметот за бонусите на СЈО, Цветановски вели дека тоа е неизвесно.

– Сè зависи дали ќе има поднесено жалба и дали таа ќе биде доставена до нас. Треба да видам какви се процедурите во Обвинителството за тоа, доколку има нови – рече тој.

Советот на јавните обвинители на последната седница едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, по седницата, изјави дека при разгледувањето на предметот за Цветановски биле утврдени сериозни пропусти во работата на првостепената дисциплинска комисија.

– Како Совет не можеме да ги поправаме тие пропусти бидејќи немаме такви надлежности. Затоа предметот го враќаме назад со конкретни насоки, па Комисијата треба да донесе нова одлука – изјави Бесими.

Во однос на укинувањето на суспензијата, тој појасни дека токму тие пропусти се основата за обвинителот Цветановски да се врати на работа.

– Во решението за суспензија имаше повеќе пропусти и со тоа се исполнети условите јавниот обвинител да се врати на својата функција – рече Бесими.

Јован Цветановски стана познат во јавноста поради неговото постапување во предметот за бонусите исплатени во поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), каде што тој како виш јавен обвинител ја укина одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за затворање на предметот и го врати на повторно одлучување. Цветановски тврдеше дека првостепеното обвинителство не ги анализирало сите докази, меѓу кои и ревизорскиот извештај, и дека одлуката за затворање на предметот е незаконита потенцирајќи дека доделените бонуси во СЈО немале законска основа и биле со злоупотреба од речиис 4,6 милиони евра.

По ова, Цветановски беше суспендиран и тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација бидејќи одбил да донесе „незаконска одлука“ за бонусите. Тој изјави дека врз него се вршени притисоци од други обвинители и дека суспензијата е дел од политички мотивирана хајка.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ